Range Rover Evoque ќе се појави на салонот во Париз во досега најблескавото и најскапо издание, во специјалната серија Union, со каросериски детали лакирани во боите на британското знаме.
Специјалната серија модели Union и Union Monochrome на најјасен начин досега ќе го прикаже британското потекло на Evoque со дизајн на каросеријата и во ентериерот што се раководи според знамето на Обединетото Кралство. Како иновација пристига и новиот проекциски дисплеј со ласерска технологија за прикажување на важните информации при возењето на ветробранот.
Боите на британското знаме светат силно во специјалната серија Union. Оваа едиција на Evoque се базира на нивото на опрема Dynamic и ќе се понуди во боите „фиренца црвена“, „фуџи бела“, „лоара сина“, „санторини црна“ и „корис сива“. Посебен акцент става покривот лакиран во „фуџи бела“ боја, во комбинација со алу-бандажи од 20 инчи, полирани до висок сјал и лакирани во истата боја како покривот, како и детали во дизајн на „јунион џек“ на задниот спојлер и на ретровизорите. Во зависност од бојата на каросеријата, оптичкиот пакет е надополнет со уште неколку детали во бела или црвена боја.
Британскиот стил е присутен и зад вратите. Седиштата, вратите, потпирачите за рака и арматурната табла се обложени со „таурус“ кожа во боја на слонова коска, со бели „цирус“ штепови за контраст. Моделите нарачани со деветстепен автоматски менувач ќе имаат елоксирани црвени површини на бирачот на степен на пренос и на рачките зад воланот, додека верзиите на Evoque со мануелен менувач ќе се разликуваат од стандардните модели по посебниот дизајн на рачката на менувачот.
Втората специјална серија Union Monochrome има повеќе заеднички елементи со првата серија, но тука елементите се лакирани во една боја, на што укажува и името на серијата. Обете специјални серии се препознаваат и по новиот натпис Range Rover во бела боја на хаубата.
Освен изгледот во британски стил, Range Rover на салонот во Париз ќе донесе и нова технологија. Станува збор за проекциски дисплеј што за прв пат користи технологија на ласерска холографија. Напредокот се состои во тоа што со ласерската техника се добиваат многу посилни бои, осветлување и контрастна острина на приказот што се проектира во ветробранот, односно директно во видното поле на возачот. Покрај тоа, системот е нечувствителен на заслепување од сончева светлина, што е вообичаена појава кај досегашните диодни системи.
















