за

Новиот Civic Type R е побрз и од NSX

Honda ќе го претстави прототипот на Type R во Париз, заедно со неколку нови детали околу техниката. Точната моќност и натаму не се открива, но може да се насети: Civic Type R ќе биде побрз и од NSX.

Сите „моќници“ во историјата на Honda ќе мораат да се поклонат пред идниот Civic Type R. Тој ќе биде побрз од сите досегашни модели со значката Type R, вклучувајќи ги Civic, Integra, Accord, па дури и NSX. Тоа е дело на новиот дволитарски i-VTEC мотор со турбонатполнење и моќност од преку 280 КС. Според Honda, брзиот компакт чијашто продажба ќе стартува в година е „најекстремниот Type R досега, обележувајќи го стартот на новата ера на високи перформанси за марката.“

За разлика од претходните генерации, новиот мотор во Type R за прв пат користи турбонатполнење, коешто „пумпа“ солиден вртежен момент веќе при ниски вртежи, додека во комбинација со технологијата VTEC обезбедува сензационални перформанси во крајното работно подрачје, на задоволство на ентузијастите на Type R. Суехиро Хаши, прв човек во развојот на Civic Type R коментира: „Honda имаше четири деривати на Type R – Civic, Integra, Accord и NSX. Моторот во новиот Civic Type R ги надминува сите во поглед на моќноста, вртежниот момент и брзата реакција.“

Хаши-сан нагласува дека шармот на автомобилот нема да се сведува само на новиот мотор со високи перформанси под хаубата. Многубројни иновации и подобрувања ќе направат Civic Type R да биде вистински автомобил за возачот, достоен да го носи славното црвено „H“. Меѓу новитетите е системот +R, којшто со притискање на копчето покрај воланот ја заострува реакцијата на моторот и иницира поагресивно ослободување на вртежниот момент. Дополнително се „наострува“ и управувањето, заедно со новите амортизери со четири степени на приспособување.

Во секојдневието, Type R ќе биде пријатен за возење, со течно забрзување, а со притискање на копчето R+ ќе се разбуди ѕверот во него. Хаши-сан: „Разликата во карактерот е огромна. Модусот +R е екстремен. Автомобилот е совршен за возење на тркачка патека и тоа ќе го ценат вистинските ентузијасти на спортското возење.“ Друг пример за иновативниот пристап на Honda е решението за надминување на влијанието од погонот врз предните тркала, што претставува проблем кај моторите со моќност од преку 250 КС во конфугирација со преден погон. За таа цел инженерите на Honda вградија дополнителен механички систем, покрај класичните „спони“ на предните тркала. Резулатот е минимално чувство на „свивање“ во воланот и исклучителна управливост.

Во истата насока продолжуваат и новите амортизери со четири степени на приспособување, зависно од условите на возење, со покомфорна работа при ниски брзини и екстремно скрутување при динамично возење во степенот +R. Во менувачот нема отстапување, Honda и натаму користи шестстепен мануелен менувач, првенствено заради уживањето на возачот. Повеќето конкуренти тука користат менувач со двојна спојка, заради тоа што не располагаат со мануелен менувач способен да го издржи огромниот вртежен момент од моторот.

Новиот Type R ќе се произведува во фабриката на Honda во Свиндон, Велика Британија, и ќе стартува со продажба во следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Специјална серија на Range Rover Evoque за салонот во Париз

Volkswagen во хибридна офанзива: Следен е Passat со две срца