Корејскиот компакт го има изгледот, но не и моторот што ќе го оправда истиот. Тоа ќе се смени во Женева. Hyundai таму ќе го претстави турбо-моделот со 186 КС.
Hyundai работи на динамиката на своите возила. Корејскиот конкурент на Golf ќе го добие 1,6-литарскиот турбобензинец со директно впрскување и 186 КС, познат од купето Veloster. Моторот T-GDi со вртежен момент од 265 њутнметри во подрачјето меѓу 1.500 и 4.500 вртежи го забрзува Hyundai i30 Turbo за осум

секунди до сто и му обезбедува крајна брзина од 219 километри на час. Како вообичаено алиби за спортските модели, подвозјето на i30 Turbo созреваше на „Северниот јазол“ на Нирбургринг, кадешто Hyundai го има изградено и својот развоен центар.
Во споредба со стандардните модели во понудата, спортскиот i30 има подиректно управување со 2,78 вртежи меѓу крајните положби (стандардно 2,85) и поголеми сопирачки дискови, со пречник од 300 милиметри напред и 284 милиметри назад. Најсилниот i30 е достапен во каросериски верзии со три и со пет врати и се препознава по агресивната маска, редизајнираните браници со црвена лента, диодните дневни светла, двојната издувна цевка и посебно дизајнираните алу-бандажи од 18 инчи со гуми 225/40 R18. Во внатрешноста има спортски седишта со црвени акценти и таван во црна боја. Ексклузивно за турбо-моделот е наменета новата „џет црна“ боја.

















