Уште шест недели до откривањето на тајната работа на 13-те практиканти во Volkswagen. На собирот на љубители на GTI во Австрија, тие премиерно ќе ја прикажат нивната верзија на специјален Golf GTI.
Во Volkswagen моментно е многу зафатен тимот што работи на специјалниот Golf GTI, најавен како премиера на 34-от собир на љубители на GTI на езерото Вертер во Австрија. Тимот се состои од четворица специјалисти за опремување на кабина, двајца автолакери, четворица мехатроничари, еден медиски креатор и двајца процесни механичари за пластика и каучук. Овие 13 млади лица работат како практиканти во Volkswagen и добија можност да изработат посебна верзија на Golf GTI, како дел од нивната обука во марката.
Почеток од „празен“ лист хартија: Сирова каросерија директно од лента
Четирите девојки и деветте мажи започнаа да работат на проектот во минатата есен, добивајќи „чиста“ каросерија од Golf, директно од одделението за изработка на каросерии. Тимот практиканти на возраст меѓу 17 и 25 години ги разменија своите гледишта на феноменот GTI и дојдоа до заедничка идеја како треба да изгледа GTI од соништата. Во минатите месеци, овие млади девојки и мажи имаа пристап до сите компоненти со коишто располага концернот, разговараа со експертите во Volkswagen, се запознаа со тајните на дизајнот, на изработката на пластични делови и лакирањето, а имаа контакти и со добавувачите на концернот.
Работата напредува брзо. Тимот самостојно работи на изработката на дополнителните делови на каросеријата, како и на рачното лакирање на возилото. Според најавите од раководителот на проектот, Холгер Шилке, практикантите се решиле за „иновативен концепт на лакирање, којшто бара голема умешност и прецизност“. Младите уште не откриваат детали за изгледот и за техничките финеси, на пример во моторот, подвозјето, ентериерот, седиштата или озвучувањето. Во секој случај, овој уникатен GTI сигурно ќе биде еден од главните спектакли на собирот покрај езерото Вертер.
















