Помалку тежина за повеќе Lotus: Под 800 килограми за Elise Sprint

Со нови компоненти изработени од карбон, Lotus ја смали тежината на Elise за повеќе од 40 килограми. Крајниот ефект е тежина под 800 килограми и спринт до темпо сто за 4,5 секунди. Не е без причина тоа што британските специјалисти за лесни конструкции ја водат новата серија како Elise Sprint.

Тежината и досега не му претставуваше проблем на Lotus Elise. Напротив, тоа е најголемата предност на оваа рачно изработувана спортска икона. Штом е така, предноста нека биде уште поголема. Британците ја освежија целата моделска серија на Elise и додадоа верзија Sprint, којашто е за 41 килограм полесна во споредба со стандардната и на вага покажува само 798 килограми. Лесните компоненти изработени од карбон може да се нарачаат одделно и за обичните изведби Elise Sport и Elise Sport 220.

Од чистокрвниот родстер досега се изработени близу 33.000 примероци во фабриката на Lotus во Хетел

Lotus Elise Sprint 00002

Промените во изгледот се извршени во предниот и задниот дел од каросеријата, а целосно е преработена и внатрешноста, со средишна конзола од Exige и нови инструменти. Највпечатлив детал е отворената механика на рачката менувачот, по пример на Lotus Exige Sport 350. Два мотора се вградуваат во Elise Sprint, 1,6-литарски атмосферец со 136 КС и 1,8-литарец со механички компресор и 220 КС. Британците се навраќаат на својата историја со заживувањето на моделската верзија Sprint, којашто на времето се користеше кај Elan. Врвот во гамата на Elise и натаму му припаѓа на Cup 250.

Lotus Elise Sprint 00011

Тука заштедија техничарите на Lotus:
Литиум-јонски акумулатор – 9 kg
Спортски седишта со карбонска школка – 6 kg
Ковани бандажи од алуминиумска легура – 5 kg
Преден капак, облога на заштитен лак и хауба на мотор од карбон, задно стакло од поликарбонат – 6 kg
Дводелни сопирачки дискови – 4 kg
Лајсни на прагови, од карбон – 0,8 kg
Нов преден браник од карбон – 8,7 kg
Преработена задна траверза и светла (две место четири) – 0,3 kg
Отворена кулиса на менувачот – 1,0 kg

Lotus Elise Sprint 00005

По овие зафати, Lotus Elise Sprint забрзува до сто за 6,3 секунди, додека Elise Sprint 220 го скусува времето на 4,5 секунди. Овие перформанси се за очекување покрај соодносот меѓу тежината и моќноста од 3,6 kg/КС кај посилниот модел.

Lotus Elise Sprint 00006

Звукот на моторот исто така е дел од традицијата што ја негуваат техничарите на Lotus. Со последното освежување повторно е дотеран звукот, особено кај моделите „220“. Интервенирано е и во аеродинамиката, во облогата на подот и пред предното тркало, како и со дополнителен дифузор назад. Нова боја за каросеријата е „Electric Light Blue“. По желба, воланот, отворите за возвух и лајсните може да се обложат со алкантара.

Lotus Elise Sprint 00010

Напред работат двоклипни сопирачки клешти од AP Racing, назад едноклипни клешти од Brembo – со опција за дводелни сопирачки дискови. Тоа што е основа на секој Elise останува непроменети: Алуминиумска шасија тешка само 68 килограми, независна суспензија со двојни водилки напред, амортизери Bilstein и коаксијални пружини Eibach напред и назад.

Новото издание на најпродаваниот модел на Lotus во историјата ќе стартува со испорака веќе во април. Еден месец подоцна пристига и најпопуларната моделска изведба, Cup 250.

 

Претходна објаваЕксклузивните марки со рекордни заработки од продажбата на возила
Следна објаваНајголем производител на електрични автомобили во светот е … кинескиот BYD

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here