Аферата со дизелите на Volkswagen наскоро ќе заврши. Властите во Германија ги одобрија предложените технички зафати кај моторите EA189. Но, властите во моментов ги проверуваат вредностите кај речиси сите марки на пазарот.
Решенијата за отстапувањата во емисијата на азотни оксиди кај моторите на Volkswagen се веќе на пат. Концернот од Волфсбург ги приложи техничките зафати што треба да се извршат кај дизел моторите EA189 од 1,6 и 2,0 литри до Сојузната служба за моторен сообраќај во Германија. Одобрението е добиено и со тоа Volkswagen ќе може да започне со решавање на проблемот кај најголемиот дел од моторите што беа погодени со аферата околу издувните гасови. До крајот на месецов ќе следи решение и за 1,2-литарскиот дизел мотор, што концернот очекува дека ќе се следува со обновување на софтверот.
„Трансформатор на струење“ и обнова на софтвер кај 1.6 TDI
Кај 1,6-литарскиот мотор ЕА189, директно пред сензорот за воздух ќе се прицврсти таканаречен трансформатор на струењето. Станува збор за мрежа што го смирува вртложењето на воздушната струја пред сензорот за воздух и на тој начин придонесува за значително подобрување на мерната точност на сензорот. Задача на овој сензор е да ја мери воздушната маса што струи во одреден момент и тоа претставува мошне важен параметар за оптимално согорување на работната смеша. Покрај тоа, ќе се вчитува и нов софтвер. Интервенцијата ќе трае помалку од половина час.
Дволитарските агрегати ЕА189 ќе добијат само нов софтвер и тоа исто така ќе трае околу половина час. Со овие мерки ќе бидат задоволени важечките норми за емисија на штетни материи, без намалување на моќноста и перформансите, односно без зголемување на потрошувачката. Оваа интервенција ќе биде извршена кај возилата за земјите од ЕУ-28, а реализацијата ќе започне во јануари следната година. Според процените на концернот, целиот сервисен повик ќе трае до завршетокот на годината.
Аферата во Volkswagen завршува, што со останатите марки кои властите во моментов ги тестираат…
Како што нагласуваат од Volkswagen на крајот од соопштението „сите возила се технички безбедни и во возна состојба, што значи дека може неограничено да се користат во патниот сообраќај“. Ова сепак не значи и завршеток на аферата. Службата за моторен сообраќај на Германија во моментов ја тестира емисијата на штетни материи на над 50 модели од повеќе марки, надвор од концернот Volkswagen. Од службата само најавија: „Има отстапувања кај повеќето марки“. Покрај тоа, германското еколошко здружение, по тестирањата извршени во Техничкиот универзитет во Берн, утврди дека рекордно високи отстапувања се јавуваат и кај дизелите на Opel и Renault.
















