за ,

Roewe Vision R: Оваа лимузина сака да биде кинеско Audi

Марката Roewe е малку позната на овие простори. Но, во Кина, марката вложува силни напори да се пробие во скапиот сегмент. Според тоа што го навестува студијата Vision R од салонот во Гуанжу, има изгледи тоа да се случи.

Не е тајна дека кинеските автомобилски марки напредуваат со огромни чекори. Само мал дел од тамошните модели пристигаат во Европа. Повеќето модели остануваат зад големиот ѕид, но тие покажуваат дека Кина располага со голем потенцијал. Roewe го прикажа концептниот автомобил Vision R на салонот во Гуанжу. Сега многумина ќе се прашаат: Кој или што е Roewe? Малку помош. Rover.

roewe salon guanzu
Изведбата на внатрешноста на VIsion R воопшто не заостанува зад студиите на европските марки

По банкротот на групацијата MG Rover, кинеската Shanghai Automotive Industry Corporation ги откупи конструкциските планови за сите модели на Rover. Производствените погони и машини на некогашниот британски гигант, пак, му припаднаа на Nanjing Automotive Company. Под притисок на кинеската влада, двете претпријатија се споија, за да се спречи дуплирање на идентичните модели на SAIC и NAC MG, но и за да се намалат производствните трошоци.

По спојувањето во 2006 година, понудата покрива широк дијапазон, од мини автомобили со погон на струја до големи теренци. Името Roewe сепак не е избрано за (првенствено) да асоцира на Rover, туку има друго значење. Тоа се состои од зборовите „Roe“ (крал и чест) и „Wei“ (енергија и престиж). Според тоа, името Roewe може да се толкува како „кралски престиж“. Кинезите сакаат да го покажат токму тоа со студијата Vision R. За целата ситауција да биде уште покомплицирана, Кинезите имаат деловни врски со уште еден партнер, со General Motors. Од 2012 година, Roewe го произведува моделот „950“ на база на Buick LaCrosse.

Елегантната купе-лимузина може да парира на дизајнот на Audi A7 или BMW 6 Gran Coupe

Намерата со студијата е марката да се дистанцира од дизајнот на General Motors. И успева во тоа. Со издолжената линија како на купе, со длабоките засеци, диодните предни светла и масивната хромирана маска, како и со спортскиот опаш со огромен дифузор, Vision R изгледа како автомобил што може да застане рамо до рамо со Audi A7 или BMW Gran Coupe од серијата 6. Истото важи и за внатрешноста, со седишта изведени во конфигурација 2+2 и со целосно дигитален кокпит.

roewe salon guanzu (2)Техниката на студијата сепак потекнува од Buick LaCrosse. На салонот во Лос Анџелес, американската марка неодамна ја прикажа новата генерација на овој модел, со платформа што дозволува погон напред или на сите тркала и со мотори со четири и шест цилиндри. Во Buick работи дволитарски турбо со 245 КС или шестцилиндарски V6 од 3,6 литри со 305 КС, во комбинација со осумстепен автоматски менувач. Доколку студијата доспее до сериско производство и ја користи техниката од актуелниот LaCross, Roewe сигурно ќе привлече повеќе внимание од досега. Платформата од LaCross, инаку, ќе ја добие и идната генерација на Opel Insignia. Комплицирано.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ексклузивен Mercedes-AMG A 45 за прослава на шампионската титула

Официјално од Volkswagen: Волфсбург ги има решенијата за дизел моторите EA189