Откако инженерите на Toyota почнаа да го применуваат барањето на шефот Тојода „возењето автомобил да мора да причинува задоволство“ за сите нови генерации модели, чистокрвното спортско купе GT86 мораше повторно да се издвои и да ја помести својата возна динамика на следното ниво. Новото моделско годиште на GT86 е само предгревање. Годинава пристига Supra!
Повеќе од 170.000 примероци се продадоа откако Toyota го претстави спортското купе GT86 во 2012 година. Ваквиот успех беше програмиран однапред, затоа што Јапонците понудија автомобил кој ги почитува стандардите што сочинуваат добро спортско возило – заден погон, компактни димензии, врвна управливост, сето тоа во интерес на возачкото уживање и на традицијата чиишто корени датираат уште од легендарниот „бондовски“ 2000GT.
Враќањето на јапонската марка во релито, исто како и продолжувањето на традицијата на чистокрвни спортски модели е реализација на налогот од шефот Акио Тојода: „Возењето автомобил мора да причинува задоволство.“ Новата платформа TNGA, којашто ќе ја користат сите идни модели на Toyota, почнувајќи од хибридниот Prius и кросоверот C-HR, се засновува токму врз новопоставениот принцип на Тојода, возачот и патниците да уживаат во возењето.
Модус за тркачка патека за возачот да го искористи потенцијалот на GT86
Компактното купе GT86, со дволитарски атмосферски боксер од Subaru и со директно впрскување D-4S од Toyota годинава пристига во освежено издание, коешто му носи подобрена упраливост, поголема стабилност, а во исто време и поголем комфор. Техничарите не пропуштија да ја зајакнат и каросеријата. Еден од најзвучните новитети е „Track Modus“, којшто им дозволува на контролата на стабилноста и на тракцијата да ги попуштат уздите. Возачот добива информации за моментната моќност и вртежен момент на дисплеј, заедно со силата на страничното забрзување, плус штоперица за мерење на времето на круг.
Новитет е диодната техника за предните светла, дневните светла и трепкачите. Носот е потспуштен, браникот е преработен. Задниот спојлер се протега по целата должина и заедно со неколку навидум безначајни промени придонесува за подобрување на аеродинамиката. Toyota одговори на реакциите на корисниците и ги смени и облогите на седиштата, го смали воланот, ги замени облогите во кабината. Со пречник од 362 милиметри, во GT86 работи најмалиот волан што досега бил вграден во сериски модел на Toyota – и за десетина проценти полесен од претходниот.
Во погонот немаше потреба за промени. До задните тркала приситигаат 205-те њутнметри од дволитарскиот боксер. Моќноста од 200 КС се постигнува при 7.000 вртежи, спринтот со мануелен менувач трае 7,6 секунди, со автоматски менувач 8,2 секунди.
Освежувањето на GT86 е само подгревање на атмосферата. Годинава пристига новата генерација на Supra.
[FAG id=27171]


















