Најдобриот автомобил во светот во 1938 година, за каков што многумина го ценат овој Mercedes од 1938 година, ќе се најде на големото наддавање во Данска на крајот на јуни. Првиот сопственик на возилото е „позната“ историска личност.
Ретки олдтајмери со значајна историја зад себе, во последниве години достигнуваат рекордни вредности на наддавањата. Моментно се исплатува повеќе да се инвестира во таков олдтајмер отколку во недвижнина. Извесен Лориц Лорицен поседува таков автомобил и тоа Mercedes Cabriolet Typ B – Modell 320 од 1938 година. Станува збор за единствениот модел што е произведуван во тогашната фабрика на Mercedes во Манхајм. На големото наддавање што ќе биде главно собирно место на најбогатите колекционери на автомобили на 26-ти јуни во Данска, овој Mercedes може да достигне рекордна цена. Од моделот се произведени само 34 примероци.
Моделот од 1938 година е врв во тогашната серија Mannheim и поседува сé што Mercedes можел да вгради и примени во своите автомобили во тоа време. Познавачите ценат дека тоа е најдобриот автомобил во светот во годините пред војната. Лорицен го пронашол автомобилот запуштен во шупа во 1980 година и како искусен механичар има потрошено илјадници часови во реставрација на возилото. Тој посветил цели единаесет години да го врати некогашниот сјај на автомобилот. Отгогаш Лорицен има извозено низ цела Европа, па дури се најде и меѓу десетте најубави модели на Mercedes на изложбата по повод 125-годишнината.
Нацистички лидер беше убиен во овој автомобил во Прага во 1942 година
Овој Mercedes сепак има едно незгодно историско поглавје. Тоа е автомобилот во којшто нацистичкиот лидер Рајнхард Хејдрих беше убиен во Прага во 1942 година. Сопственикот го утврдил тоа врз основа на тешките оштетувања во задниот десен дел од автомобилот, кадешто експлодирала бомбата при атентатот.
Според Лорицен, „автомобилот нема вина“ за делата на неговиот прв сопственик. Реткиот и вреден Mercedes има и неколку позитивни моменти зад себе, како што е појавувањето во филмот „Хамсун“ од 1996 година, со Макс фон Сидоу. Кога славиот актер го погледнал автомобилот, коментирал „јас сум статистот тука“.
Сопственикот цени дека сега е време за ново поглавје во историјата на овој Mercedes, кој предизвика огромна заинтересираност на пасионираните колекционери на олдтајмери од целиот свет. Извесно е дека овој автомобил ќе пишува нови наслови на големото наддавање на 26-ти јуни во Данска.
[FAG id=24841]
















