Новите модели од сериско производство не се најинтересното на салоните на автомобили. Најдоцна за неколку месеци, повеќето од нив ќе се најдат во салоните на дилерите. Тоа што може да се сретне само на салоните се концептните автомобили и студиите, со коишто производителите и даваат на јавноста прилично реален поглед во иднината. Технологијата во нив е изводлива, се чека единствено да созреат условите на пазарот, и уште поважно, моментот кога купувачите ќе бидат подготвени да ги прифатат новитетите. Некои од студиите сепак служат само за престиж на производителите.
Електричниот погон навлегува масовно во браншата и тоа повеќе не можат да го оспорат ниту најголемите скептици. Дури и марките што важат како последни бастиони на класичниот мотор со внатрешно согорување попуштаат под силниот електричен бран. Одличен пример за тоа на салонот во Женева е студијата на Bentley со ознака EXP12 Speed 6e. Ниту една од бројките во ознаката не се однесува на бројот на цилиндри или на зафатнината на моторот. Студијата добива погон исклучиво од електромотори.
Од британската благородна марка не ги посочуваат вредностите на моќноста, но затоа наведуваат дека нивната студија располага со технологија за брзо полнење на батериите. Тоа се врши по пат на индукција, значи без потреба од приклучување со масивни кабли. Многу ветува и досегот од 500 километри со едно полнење. Фактот што кабината е преполна со дисплеи од органски диодни светилки е безначаен покрај електричниот погон. Такви дисплеи можеме да имаме и на мобилните телефони и во домовите.
Hyundai продолжува уште еден чекор нанапред и потсеќа дека набрзо и погонот на водород ќе стане реалност во секојдневниот сообраќај. Нивниот концептен автомобил FE Fuel Cell се појавува со храбар дизајн, повторно со светлечките диоди од коишто производителите не престануваат да се одушевуваат, но и со кокпит што изгледа како да е предалеку во иднината, но фактички е сосем остварлив во сериското производство. Со полни боци компримиран водород, автомобилот на Hyundai може да извози осумстотини километри.
Тоа што Mercedes го прикажува како студија, всушност е модел на којшто наскоро му претстои реализација во сериско производство, па оттаму е разбирливо што и погонот е поблиску до сегашноста. Купето со четири врати Mercedes-AMG GT Concept го комбинира четирилитарскиот V8 од стандардниот GT со електромотор. Оваа погонска спрега на идната „семејна“ верзија на GT е способна да го забрза возилото до темпо сто за помалку од три секунди, но во исто време во секојдневието може да постигне и пристојна штедливост преку асистенцијата од електричниот погон. Наспроти стандардниот GT, со трансаксијална конфигурација на погонот со којашто е комплицирано изведување на погон на сите тркала, електромоторот за предната оска му ја обезбедува и оваа привилегија на концептниот автомобил.
Наспроти тоа, Peugeot Instinct е редовна вежба на дизајнерите на француската куќа и во поглед на неговата форма се мали шансите за сериско производство во видно време, но тоа не важи и за хибридниот погон со тристотини коњски сили. Намерата на Французите повеќе е да укажат на иднината во којашто автомобилите ќе бидат поврзани во мрежата исто како мобилните телефони и самите ќе функционираат како нив. Peugeot Instinct користи врска со „облак“, кадешто ги соединува сите можни податоци со кои располага. Возилото може во секое време да се поврзе со домот на сопственикот и секако дека располага и со напредни функции на автономно возење.
Возачот тука се уште може да ја преземе контролата над возилото, за разлика од футуристичката студија Volkswagen Sedric, во чијшто кокпит отсуствуваат и волан и педали. Тој е воедно и првиот концептен автомобил што се води како заеднички развој на целиот концерн Volkswagen, место на некоја од одделните марки во состав на концернот.
Индиската Tata потсеќа дека во нејзина сопственост е Jaguar Land Rover и на салонот пристига со концептот Tamo Racemo, со мошне симпатичен изглед, но и со средишно вграден мотор од 1,2 литар со моќност од 190 КС. Внатрешноста е изведена во спортски стил, со неколку свежи и весели детали што ставаат индиски печат. Копчето за стартување поставено на воланот е детал од мотоспортот, додека облогата од необработена кожа врз арматурната табла дава благородна нота.
Читајте на Automedia.mk за останатите новитети прикажани на салонот во Женева.






















