Новата марка во француската групација наскоро ќе претстави уште еден заеднички модел со Peugeot, покрај Opel Crossland X и Grandland X, коишто ја делат основата со идниот Peugeot 2008 и со актуелниот 3008 SUV. Германската марка сепак ќе продолжи самостојно да развива сопствена техника, независно од матичните модели на PSA.
По штотуку претставениот кросовер Crossland X и поголемиот Grandland X, којшто ќе биде претставен подоцна годинава, Opel во почетокот на 2018 година ќе го прикаже и третиот модел изработен врз заедничка основа со француската групација PSA. Шефот на Opel, Карл-Томас Нојман, во изјава за медиуми на салонот во Женева, потврди дека в година пристига новата генерација на Combo. Актуелниот модел со ова име се базира врз Fiat Doblo и се произведува во фабриката на Tofas, во Турција.
Нојман нагласи дека дека по преземањето од страна на француската групација PSA во почетокот од неделава, Opel ќе ја задржи самостојноста како германска марка и ќе продолжи со активностите во својот развоен центар. Спојувањето со PSA носи нови шанси и поголема слобода во поглед на моделската политика. Идните модели ќе се развиваат строго за европскиот пазар, за разлика од претходно, кога Opel мораше да користи заеднички платформи од General Motors, наменети за глобалниот пазар. Засега не се планира моделите на Opel да се извезуваат на големите пазари во Кина или САД. Според Нојман, „прво треба да се завршат домашните задачи“, односно марката повеќе да се посвети на европскиот пазар.

Менаџментот на Opel генерално е задоволен од досегашната соработка со PSA, имајќи ја во предвид особено заштедата во трошоците за развој. Во блиска иднина, моделите на Opel ќе ги користат платформите на PSA, односно на марките Peugeot, Citroen и DS, слично како што тоа се случува во концернот Volkswagen. Тековните проекти во германската марка нема да се запираат.
















