Според еден кинески магазин за економија, во автомобилската бранша постојат 45 милијардери. Најголемиот дел од нив се Кинези.
Кина има најмногу автомобилски милијардери во светот. На списокот на 45 милијардери во бизнисот со автомобили од 13 земји постојат дури единаесет Кинези. Во Соединетите Американски Држави и во Германија заедно има само осум личности што ги имаат стекнато своите милијарди преку бизнисот со автомобили. Тројца од нив се наследници на сопствениците на BMW, Сузане Клатен и Штефан и Јохана Квандт, кои воедно се и на врвот на списокот, пред шефот на индиската Tata, Палонџи Мистри.
Воздигнувањето на Кина во најголем пазар за автомобили во светот му го обезбеди првото место на списокот на кинеските автомобилски милијардери на Веи Џијанџун, шеф на најголемата кинеска групација за автомобили Great Wall Motors. На глобално ниво, Џијанџун е на петтото место на најбогати бизнисмени во браншата на четири тркала. Втор најбогат Кинез во бизнисот е Лу Гуаншу со неговата фамилија, како сопственици на синџирот добавувачи за авто индустријата Wanxiang.
Меѓу најбогатите авто-босови во Кина се и Ванг Чуанфу од кинескиот производител BYD (Build Your Dreams), кој соработува со Daimler во електричниот автомобил Denza, како и Ли Шуфу од Geely, во чијашто сопственост се наоѓа шведската марка Volvo. Многумина во браншата се изненадени од фактот што Кинезите ја предводат листата на автомобилски милијардери во светот. Изненадување во списокот е и името на Американецот Илон Маск од Tesla Motors, специјалист за електрични автомобили и системски решенија за погон на струја.
















