Историска изложба „Од нула до 100“ во музејот на Audi

Audi 100 петпати ја има освоено наградата „Златен волан“, двапати бил автомобил на годината и еднаш бил најдобар автомобил во светот. Во таа чест, музејот на марката во Некарсулм му посветува изложба на моделот.

Марката со четирите прстени има причини да ја прославува „стотката“. Audi 100 петпати ја има освоено наградата „Златен волан“, двапати се запишал како најдобар автомобил на годината, а еднаш бил и најдобар автомобил во светот. Моделот сега се враќа во матичниот Некарсулм за да ги прослави своите успеси преку изложбата „Од нула до 100“. Историјата на овој модел на Audi е прикажана преку дузина најразлични варијанти на Audi 100 во центарот на марката во Некарсулм.

Audi 100 стартуваше во 1968 година и постави темел за едно поглавје што е од голема важност за германската марка. „Стотката“ придонесе Audi да ја зацврсти својата позиција меѓу водечките производители на автомобили. Производството на моделот во 1970 година се пресели во поранешната фабрика на NSU во Некарсулм, којашто набрзо почна да се развива како значајна алка во производствениот синџир на Audi. Актуелниот A6 исто така претставува еден од носечките столбови на продукцијата во Некарсулм.

Меѓу првите автомобили со целосно поцинкувана каросерија

Втората и третата генерација на Audi 100 се појавија со многубројни технички иновации, поставувајќи нови стандарди во сегментот на вишата класа. Уште во 1985 година, Audi 100 беше еден од првите автомобили со целосно поцинкувана каросерија, заради ефикасна заштита од корозија.

Иновациите постојано го придружуваа овој модел низ годините. Техничарите го развија Audi Duo, кој беше претставен пред јавноста на салонот во Женева во 1990 година. Сензацијата беше во тоа што овој модел на база на Audi 100 уште тогаш располагаше со хибриден погон. Покрај петцилиндарецот со 136 КС, во погонот на концептниот автомобил учествуваше и електромотор вграден на задната оска.

Во изложбата „Од нула до 100“ се наоѓаат и неколку досега непознати модели од развојното одделение, како Audi 100 Cabriolet од 1969 година или верзијата на Audi 100 C1 со електричен погон од 1976 година.

Дванаесетте модели во изложбата „Од нула до 100“

  • Audi 100 LS Cabriolet (1969)
  • Audi 100 LS (1972)
  • Audi 100 Coupé S (1973)
  • Audi 100 C1 Elektro (1976)
  • Audi 100 (C2) GL (1977)
  • Audi 100 Avant GLS (C2) (1978)
  • Audi 100 5D „Пат околу светот“ (1978)
  • Audi Forschungsauto (истражувачки прототип) (1981)
  • Audi 100 Avant (C3) со целосно поцинкувана каросерија (1986)
  • Audi 100 (C3) CD (1987)
  • Audi 100 C3 Avant quattro “Audi Duo I” (1989)
  • Audi 100 (C4) 2,8 E (1992)

Претходна објаваQ го обезбеди најекстремниот Aston Martin за некој нов таен агент
Следна објаваAudi 100: Моделот на којшто Volkswagen му е благодарен најмногу

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here