Мажите не сакаат да се разделуваат од своите автомобили. Еден Американец ветил дека ќе го продаде автомобилот кога жена му ќе затрудни. Ветено, сторено. Но, од огласот тешко дека некој ќе се расположи за купување.
Во тешките моменти, вистинските мажи ќе жртвуваат сé за своето семејство. Еден Американец й ветил на жена си дека ќе го продаде својот рели автомобил кога таа ќе затрудни. Местото на Subaru WRX пред куќата требало да се замени со миниван. Сопственикот опишува колкаво е неговото задоволство од замената: „… со миниван со големо задно стакло, за на него да се залепат оние грозни бебешки налепници.“
Автомобилот сепак немал среќа. Сопругата затруднела и човекот си останал на збор. Неговиот Subaru WRX веќе следниот ден се најде на продажба на огласникот Craigslist. Описот на возилото е мошне „искрен“. Човекот наведува дека го возел неговиот WRX исто како сите други сопственици на автомобилот со рели гени, односно во случајов: „85.000 милји, претежно во град. Како секој лош сопственик на WRX, овие 85.000 милји се возени под полна гас, со поаѓање со шкрипка.“
Ако ова не ги одбие сите заинтересирани купувачи, следново сигурно ќе успее. За состојбата на возилото пишува: „Автомобилот e чукнат и влече налево, исто како вистински автомобил од Nascar!“ За секој случај во целата приказна околу возилото е додадена и спиритуалистичка нота: „Пумпата за вода е купена на отпад што се наоѓа на индијански гробишта, па автомобилот може да е проколнат“.
Околу цената не може да се преговара. Американецот цени дека неговото возило вреди исто колку што го платил пред десет години, односно 23.599 долари минус 400 долари заради користењето. „Секој обид за преговарање околу цената ќе заврши со зголемување на истата“, се обезбедува овој сопственик на WRX.
Огласот звучи мошне застрашувачки, но и покрај тоа, заинтересираните лица се добредојдени: „Во ред е ако сакате да го видите возилото. Но, можете да дојдете само кога му е дома сопругата, за таа да види дека возилото е на продажба!“ Во меѓувреме огласот исчезна од Craigslist. Можеби автомобилот сепак нашол нов сопственик, но е можно и сопругата да го открила огласот.
















