Откако ќе се расчуе дека производителите подготвуваат нов модел, обично се шпекулира околу неговото име. Но, работното име на моделот честопати се заменува со друго име за серискиот модел. Постојат разни причини за тоа.
Производителите на автомобили имаат голема мака да го погодат вистинското име за новите модели. Во последниве години често се случува работното име да се замени со ново име за серискиот модел. И автомобилските експерти честопати шпекулираат во погрешен правец.

Откако Volkswagen во средината на минатата декада најави дека ќе стартува со производство на компактен спортски теренец, голем број медиуми во почетокот претпоставуваа дека неговото име ќе гласи Marrakesch. Подоцна, Volkswagen го демантираше тоа. Во секој случај, името Marrakesch ќе се вклопеше одлично во понудата на Volkswagen, покрај моделите со африкански призвук, како Scirocco или Touareg. На крајот излезе Tiguan. Името е кованица од тигар и легуан, а беше избрано откако победи во анкета што ја спроведе еден автомобилски магазин. Како предлози беа понудени и имињата Nanuk, Namib и Rockton.
Место Cayenne Junior: Macan потекнува од индонезискиот збор за тигар
Porsche Cajun ќе звучеше прикладно покрај големиот брат Cayenne. Идејата беше името да побудува асоцијации на CАyenne JUNior, па оттаму и Cajun. Но, тоа беше само работно име за новиот спортски теренец на Porsche, кој потоа дебитираше како Macan. Името потекнува од индонезискиoт јазик и значи тигар. Според маркетиншките експерти на марката од Цуфенхаузен, името асоцира на подвижност, моќ, фасцинација и динамика, како својства што треба да ги застапува новиот модел.

Околу името за луксузниот теренец на Bentley, во почетокот се спомнуваше Falcon, како англиски збор за сокол, омилената птица на шеиците. Но, место Falcon, првиот спортски теренец од благородната британска марка Bentley стана Bentayga. Името потсеќа на тајга, најзастапениот биом на земјината топка – меѓу другото го покрива и најголемиот дел од Сибир – па оттаму и преносното значење дека Bentayga ќе владее со „земјата“.
Не сте слушнале за Porsche 901? Но, можеби ќе видиме Peugeot 901
Спортската икона „911“ ќе ја носеше ознаката „901“ доколку Porsche не мораше да го смени името веднаш по светската премиера на автомобилот на салонот во Франкфурт во 1963 година. Наследникот на Porsche 356 првично требаше да ја добие ознаката „901“, но проблемот се јави откако се побуни Peugeot, кој претходно ги имаше регистрирано сите трицифрени комбинации од бројки со нула во средината. Peugeot 901, инаку, уште се нема појавено.
Многумина очекуваа дека и првиот спортски теренец од британската марка Jaguar ќе ја добие ознаката X-Type, со Х како прва асоцијација на погон на сите тркала. Дизајнерот Јан Калум по премиерата на F-Pace потврди дека името X-Type навистина било меѓу фаворитите за конечниот сериски модел. Но, Jaguar веќе ја користеше таа ознака за лимузината од средната класа што се произведуваше во минатата деценија и очигледно е дека никој во марката не сака повеќе да се присеќа на тој автомобил.
















