
Слабеењето на автомобилите е главна преокупација на производителите и тоа јасно се препознава на салонот во Женева. Без разлика дали станува збор за голем теренец, спортски автомобил, семејно комби или електричен автомобил, нивната тежина мора да се намали колку е можно повеќе, заради намалување на потрошувачката на гориво и заштита на животната средина од издувните гасови. Една од главните технологии што им го овозможува тоа на инженерите, покрај примената на лесни и скапи материјали, секако дека се модерните високотехнолошки лепила, како замена за класичното заварување или спојување со заковки и завртки. За лепење на лесните материјали што се користат во автомобилите, како карбон или алуминиум, мора да се користат посебно развиени лепила што не влијаат врз својствата или стабилноста на материјалите. Во автомобилите од актуелната продукција во просек се користат меѓу 15 и 18 килограми лепило.
Лепилата се тие што овозможуваат примена на алуминиумот и карбонот во каросеријата на модерните автомобили
Во најголемиот дел од моделските новитети на салонот во Женева се користат високотехнолошки лепила, коишто од друга страна се основа за техничките иновации во возилата. Jaguar, на пример, за каросеријата на новата генерација на моделот од средната класа XE интензивно користи алуминиум. Истото важи и за родстерот Mazda MX-5, како и за Audi Q7, чијашто каросерија речиси целосно е изработена од алуминиум. Само на алуминиумските врати на големиот теренец на Audi се заштедени вкупно 24 килограми.

Студијата Chevrolet Bolt, пак, додава уште неколку егзотични материјали во конструкцијата на каросеријата, како магнезиум и карбон. Сите овие материјали и комбинации од материјали се споени со лепење. Лепењето е редовен технолошки процес во денешното производство на автомобили.
Прво само ветробраните, сега и цели каросерии со лепење
Специјалните лепила што ги користи автоиндустријата имаат и други предности. Спојувањето со лепење овозможува едноставна изработка и долготрајно држење, без влијание врз стабилноста и својствата на материјалите. Порано само ветробраните се поставуваа со лепење, денес каросериите се изработуваат со оваа постапка. Но, како што ветуваат експертите, тоа што еднаш е споено со нивните високотехнолошки лепила, повеќе ќе попушти на друго место отколку на спојот.















