
Компактниот кросовер EcoSport доби подобрувања во неколку детали, а наскоро ќе му се придружи и варијантата S со спортски изглед. Подготовка за скорото пристигање на Honda HR-V и Mazda CX-3.
Ford во текот на летото ќе започне со продажба на својот најмалечок теренец EcoSport, којшто ќе биде освежен со нови дизајнерски елементи, подобрени возни својства и побогата опрема. Промените во ентериерот опфаќаат нова хромирана маска на арматурната табла и хромирани прекинувачи за прозорците. Променета е и положбата на паркирната сопирачка, заради полесен пристап во ентериерот. Работата на системите за контрола на стабилноста, како и на електричното сервоуправување исто така се оптимирани според европските услови. Истото важи и за модифицираните пружини и амортизери, вклучувајќи и висина на возилото намалена за десет милиметри. Купувачите во иднина ќе можат да нарачаат верзија без резервно тркало на задниот капак. Сите овие промени имаат за цел да го „европеизираат“ кросоверот што Ford го разви за бразилскиот пазар.

Во „пакетот за Европа“ спаѓа и примена на подобри изолациски материјали во вратите и арматурната табла, како и потемелна изолација во подрачјето на педалите, што резултира со намалено ниво на бучност и вибрации во кабината. Промени има и во моторите. Дизелот TDCi во иднина ќе развива 95 место 90 КС.
Концептната верзија Ford EcoSport S од тековниот салон во Женева се очекува да пристигне во продажните салони уште во текот на годинава. Компактниот кросовер соединува подвижност и економичност на компактен автомобил, со просторна понуда и приоспособливост на теренски автомобил, а верзијата S ќе додаде и поубедлив стилски настап. Црниот покрив и ретровизорите во истата боја, како и впечатливите алу-бандажи од 17 инчи прават силен контраст со каросеријата. На тоа се надоврзуваат спортски дифузор во задниот браник и затемнети задни прозорци.
















