Електромобилност предлага државна стратегија за електрификација на транспортот

Организацијата за електрични возила Електромобилност Македонија предлага државата да учествува со 8.000 евра во цената на автомобилите со електричен погон, со буџет којшто ќе покрие набавка на 5.000 приватни возила, како и изградба на мрежа од 5.000 полначи. Се предлага и комплетна замена на јавниот градски превоз со електрични автобуси.

Електромобилност Македонија има визија државава од европски лидер во аерозагаденоста да ја унапреди во регионален и светски лидер во воведувањето на електричниот погон во возниот парк. За таа цел, организацијата очекува државата да донесе стратегија за електрификација на транспортот, којашто ќе се надградува на секои пет години и ќе предвидува изградба на широка државна мрежа од полначи за струја, како и субвенции за купување електрични автомобили.

Во стратегијата, според Електромобилност, треба да бидат опфатени и трамвајски или тролејбуски системи во градовите, како и целосно поврзување на градовите со шински електричнни возила на Македонски Железници. Се предлагааат и субвенции за домашно производство на електрични возила и полначи.

Буџетот за субвенционирање ќе биде обезбеден преку „пенали“ за возилата што не исполнуваат задоволителна еколошка норма, од Еур 1 до Еур 3

Средствата за субвенционирање на електричните возила ќе бидат обезбедувани преку годишна наплата на зелена такса за возилата што не исполнуваат задоволителни норми за издувни гасови.

Електромобилност предлага субвенционирање на 5.000 електрични возила од повеќе категории, од кои што 4.750 електрични, а 250 со плагин-хибриден погон. Максималниот износот за електромобил се разликува по категории:

  • До 8.000 еур (М1 и N1 тип на возила) – електрични возила за превоз на патници со најмногу 8 седишта не вклучувајќи го седиштето на возачот (М1) и возила за превоз на стоки со максимална маса заклучно со 3,5 [тони] (N1) со досег на возење над 40 [км] со едно полнење
  • До 4.500 еур (М1 и N1 тип на возила) – приклучни хибридни возила (Plug in hybrid) со емисија на CO2 до најмногу 50 [g CO2/km] – возила за превоз на патници со најмногу 8 седишта не вклучувајќи го седиштето на возачот (М1) и возила за превоз на стоки со максимална маса заклучно со 3,5 [тони] (N1)
  • До 3.500 еур (М1 и N1 тип на возила) – хибридни возила со емисија до 90 [g CO2/km] – возила за превоз на патници со најмногу 8 седишта не вклучувајќи го седиштето на возачот (М1) и возила за превоз на стоки со максимална маса заклучно со 3,5 [тони] (N1)
  • До 800 еур (L1 тип на возило) – електрично возило со две тркала со моќност ≤ 4 [kW] и брзина ≤ 45 [km/h] – мопеди, скутери итн.
  • До 1.000 еур (L3e тип на возило) – електрично возило со две тркала со брзина поголема од 45 [km/h] – мотоцикли
  • До 1.500 еур (L6e тип на возило) – лесeн електричeн четирицикл со моќ под 4 [kW]
  • До 3.000 еур (L7e тип на возило) – електричen четирицикл со моќ до 15 [kW]
  • До 3.000 еур за конверзија на возило со внатрешно согорување во електрично возило (М1 и N1 тип на возила) со досег на возење над 40 [км] со едно полнење.

Физичките лица ќе може да искористат субвенција за набавка на едно возило кое мора да го користат најмалку 3 години, додека пак правните субјекти може да искористат субвенциониран износ до 80.000 еур за набавка на возила при што истите мора да ги задржат во сопственост најмалку 5 години.

За лесни електрични возила како електрични инвалидски колички, електрични велосипеди, електрични скутери, електрични мопеди, како и сетови за преработка на лесни електрични возила се предлага субвенционирање преку општините:

  • До 250 еур за набавка на електричен велосипед со моќност под 250 [W]
  • До 350 еур за набавка на мопед со моќност над 250 [W]
  • До 250 еур за набавка на електричен скутер со моќност под 1600 [W]
  • До 350 еур за набавка на електричен скутер со моќност над 1600 [W]
  • До 250 еур за преработка на скутер со внатрешно согорување во електричен скутер со моќност до 1600 [W]
  • До 150 еур за набавка на сет за преработка на инвалидски колички и велосипеди во електрични велосипеди со моќност до 250 [W]

За граѓаните кои ќе ги користат субвенционираните лесни електрични возила како нивна сопственост и после третата година, Електромобилност предлага субвенционирање на втор батериски пакет во износ од половина од вредноста во моментот на набавка.

Се предлага субвенционирање на 5000 полначи за приватни лица до висина од 1 до 5 проценти од вредноста на возилото според скала која дополнително ќе се развие. Според организацијата за електрична мобилност, низ градските булевари во иднина ќе можат да возат исклучиво електрични автобуси, со постепен прекин од употреба на сите автобуси со мотори за внатрешно согорување.

Електрични возила во молови, дисконти, магацини и аеродроми

Категоризацијата ќе важи и за off road возила според соодветната кубикажа по аналогија од категориите во листата. Преработката на off road електрични возила ќе биде стимулирана на ист начин како и за автомобили. Европските фондови со кои се стимулира купување на off road возила ќе се користат исклучиво за набавка на електрични возила. Електричните возила во сите други отворени, но особено во затворени простории, хали, дистрибутивни магацини, аеродромски згради, дисконти и молови исто така ќе бидат вклучени во категориите.

Електричните возила ќе се полнат бесплатно на јавната полначка инфраструктура како и при поврзување на електричните возила во дистрибутивната мрежа пред да се инсталираат јавни полначи низ територијата на Македонија во првите 5 години од набавката на електричните и хибридни возила.

Дел од стратегијата треба да биде и воведување забрана за возење на возила со мотори за внатрешно согорување во централните подрачја на сите градови низ Македонија, кои ќе бидат пешачки и вело зони, во кои ќе можат да поминуваат дистрибутивни електрични возила.

На тоа ќе следат бесплатни патарини, бесплатни паркизни на сите паркинзи во државата, бесплатна регистрација на електрични возила за првиот бран електрични возила.

На овој начин, Електромобилност Македонија очекува да се добие позитивен тренд кон зголемување на бројот на електрични возила по улиците и автопатиштата што дополнително ќе допринесе кон намалување на загадувањето и бучавата во поголемите населени места, како и намалување на употребата на фосилни горива. Ваквиот тренд и изградената инфраструктура од полначи низ државата ќе допринесе електричните возила од европските држави полесно да ја посетат Република Македонија и да транзитираат низ неа.

Претходна објаваKawasaki ја претстави Ninja 650 за секојдневен ангажман
Следна објаваРоботските автомобили на Google го извозеа тримилионитиот километар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here