за ,

Електричните автомобили ќе ги ублажуваат осцилациите во струјната мрежа

Проект во соработка меѓу Volkswagen и неколку германски институти за алтернативна енергија докажа дека поврзувањето на електричните автомобили во струјната мрежа може да придонесе за постабилно струјно напојување.

Резултатите од истражувањето спроведено во соработка меѓу Volkswagen, институтот Фраунхофер и неколку германски компании за дистрибуција на струја добиена од одржливи извори потврдија дека поврзувањето на автомобилите со погон на струја во дистрибутивната мрежа за струја може да придонесе за поголема стабилност во напонот во истата.

Во Германија отпочнува вистинска револуција во производството на струја, со постојаното зголемување на локалното производство на струја, преку фотоволтаички системи и таканаречени когенерациски блокови. Но, производството на струја во овие дополнителни капацитети е мошне нестабилно, поради зависноста од сончевото зрачење или од интензитетот на ветрот. Сето тоа произведува дополнителни осцилации во струјната мрежа. Техничарите гледаат можност електричните возила да се приклучат во овој синџир за дистрибуција на струја и да помогнат во стабилизацијата на напонот.

Електричните возила влечат струја од мрежата за полнење на батериите, но можат да функционираат и во спротивната насока, односно енергијата од батериите да ја вратат во струјната мрежа, заради стабилизација – и заради заработка, секако!

Во едногодишното тестирање, дваесет автомобили Volkswagen e-up со погон на струја, во периодите на мирување се приклучуваа на поставените 40 двонасочни полначи и во зависност од наполнетоста на батериите или потребата на струјната мрежа, ги полнеа сопствените батерии или испорачуваа струја од нив во мрежата. Корисниците на возилата имаа на располагање специјално изработена мобилна апликација за контрола на целиот процес, односно на интеракцијата меѓу возилото и електродистрибутивната мрежа.

Сопствениците на електрични автомобили во иднина ќе заработуваат од користењето на енергијата во батериите за стабилизација на струјната мрежа, односно ќе им се одбива од месечната сметка за струја.

При секојдневното тестирање, возачите не утврдија дека со поврзувањето на нивниот електричен автомобил како „бафер“ во струјната мрежа се намалува досегот на возење. Секако дека за испораката на струја од батериите на возилото, сопствениците на електрични автомобили во иднина ќе добиваат соодветен надомест за испорачаната струја, или истата ќе се одбие од нивната сметка за електрична енергија.

Проектот беше подржан финансиски од германската влада, односно од сојузното министерство за животна средина, заштита на природата, градба и безбедност на реактори.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin ги откри парадните коњи за фестивалот во Гудвуд

Mercedes стартуваше со производство на „долгата“ E-Class во Кина