Фановите што целата сезона во формула 1 ја минаа навивајќи за тимот во формула 1 на Mercedes, сега можат да се наградат со специјална изведба на A45 во чест на шампионската титула.
Mercedes ги прославува шампионските титули во конструктори и возачи во формула 1 со ексклузивен модел „Petronas 2015 World Champion“ на база на A 45 4Matic. Надворешни белези на ексклузивната серија на A 45 се зелените и црни ленти по каросеријата во стил на победничкиот болид F1 W06 Hybrid, а на тоа се надоврзуваат поголем сплитер и специјални ламели напред, како и заден спојлер инспириран од кралската класа во мотоспортот. За каросеријата стојат на располагање сива металик, поларно сребрена и магно-сива боја.

Бандажите од 19 инчи со вкрстени краци се лакирани во титански сива боја, со зелен прстен на обрачот на бандажот. Специјалниот модел дополнително поседува и „ноќен пакет“, седишта AMG Performance, како и пакети AMG Exclusiv и AMG Dynamic Plus.
Ексклузивен детал во внатрешноста е плочката на капакот на преградата во средишната конзола, со оригиналниот печат на тимот во формула 1. Воланот е обложен со микрофибер, со штепови во препознатливата зелена боја на тркачкиот тим, вклучувајќи и маркер на „12 часот“. Стилот на Petronas го надополнуваат зелени украсни штепови на потпирачите за рака и арматурната табла, зелени прстени околу отворите за воздух и зелени ленти на безбедносните ремени.
Моделот со 381 КС и забрзување до сто за 4,2 секунди ќе стартува со продажба во јануари 2016 и ќе остане во понуда до мај. Германската цена изнесува 65.402 евра, односно 66.819 евра во комбинација со „магно“ боја. Стандардниот A 45, кој неодамна имаше темелно моделско освежување во рамките на целата моделска серија, во ценовникот на Мак Аутостар чини 52.460 евра и со тоа е најевтина можност за пристапување во ексклузивната серија модели AMG.



















