Дрска кражба на скап теренец на Mercedes се случила во салон во Германија. Наводниот купувач разгледувал возило вредно 140.000 евра – и си заминал со него од плацот.
Крадец на автомобили се претставил како заинтересиран купувач и со крајна дрскост украл користено возило Mercedes G63 AMG вредно 140.000 евра. Вештиот крадец влегол во приквечерината во салон на Mercedes во германскиот град Есен, претставувајќи се како потенцијален купувач. Тој разгледувал повеќе автомобили во салонот, но всушност бил „заинтересиран“ само за темноцрниот теренец од класата G којшто бил изложен на плацот пред салонот.
Веднаш откако дрскиот апаш излегол од салонот, вработените слушнале палење на моторот на скапоцениот теренец со 544 КС, по што можеле само немо да го следат заминувањето на крадецот со пленот. Тогаш на вработените им станало јасно дека наводниот купувач ги украл клучевите од возилото во салонската просторија.
Полицијата започна потрага по возилото низ цела Германија и бара информации за возилото со регистерска табличка E-MB 631 и впечатливи бандажи. Сепак е малку веројатно дека украдениот теренец уште ги носи оригиналните ознаки. Ладнокрвниот крадец е на возраст меѓу 40 и 50 години, висок е околу 1,90 метар и има источноевропски акцент. Украденото возило веројатно е веќе на пат за Русија или Блискиот Исток. Не е лошо попат да се провери и по нашите плацеви. Цената сигурно ќе биде привлечна.
















