Сопственици на Chevrolet Cruze бараат отштета, затоа што стариот дизел мотор од Opel во нивниот автомобил нема толку чист издув како што наведува производителот.
Chevrolet пред две години го вклучи дизелот во понудата на Cruze на американскиот пазар. Марката на General Motors сега има проблеми со дизелот. Адвокатска канцеларија од Сиетл, по налог на сопствениците на возила на Chevrolet, го тужи концернот General Motors поради наведување неточни податоци за издувните гасови и реклама што води до погрешен заклучок. Слично на реакцијата на Opel по обвинувањата од неколку еколошки организации од Германија, американската мајка на марката од Риселсхајм смета дека се работи за манипулација.
Шест сопственици на Chevrolet Cruze со дизел мотор го тужат концернот General Motors, затоа што нивното возило има повисоки вредности на штетни материи во издувните гасови и рекламата на Chevrolet ги навела на погрешен заклучок дека дизел моторот во нивните возила има чиста емисија. Тужителите бараат Chevrolet да ги откупи возилата и дополнително да им плати отштета во висина од најмалку 2.000 долари, како надомест за повисоката цена на возилата со дизел мотор. Но, тоа е само почетокот. Во тужбата се бара американскиот концерн да биде казнет поради мамењето со издувните гасови.
Chevrolet Cruze 2.0 TD беше избран за дизел автомобил на годината на северноамериканскиот пазар и се прославуваше како најштедлив автомобил со дизел мотор од американска продукција – со дволитарски дизел од Opel
Chevrolet Cruze беше застапен солидно и на европскиот пазар, сé додека не се покажа дека продажбата на Opel трпи премногу поради присуството на „американско-корејската“ марка. Во Cruze работи истата техника како во претходната генерација на Opel Astra, вклучувајќи ги и дизел моторите. Chevrolet стартуваше со рекламната кампања за Cruze Diesel во 2013 година, во којашто ветуваше дека дволитарскиот дизел од Opel е „најчистиот дизел мотор што го има произведено General Motors“. Покрај тоа, во рекламите се наведуваше и дека Cruze Diesel е поштедлив од „Clean Diesel“ во Volkswagen Jetta TDI. Токму со „чистиот дизел“ почнаа проблемите на Volkswagen со американските судови.
Расте продажбата на пикапи со дизел мотор од домашните марки
Тужбата пристига во мошне чувствителен период за General Motors, затоа што моментно и Opel е под силен притисок заради манипулација со дизел моторите. Конкуренцијата стравува од исходот околу тужбата против General Motors. Како што потврди продажната статистика за минатата година, американските производители забележале голем раст во продажбата на возила со дизел мотор. Jeep Grand Cherokee се продава и во верзија со дизел мотор, исто како и најголемиот дел од популарните пикапи и доставни возила, вклучувајќи ги и Ford F-Series и Chevrolet Silverado. Единствено продажбата на дизели на Volkswagen е во опаѓање.
Логично се поставува прашањето, зошто досега само Volkswagen беше предмет на контрола на издувните гасови на американските власти. Во тужбата против General Motors се користат вредностите за издувните гасови добиени во реални услови на возење, место на пробна рампа. Властите сега би требало да реагираат со проверка на вредностите на издувните гасови на сите американски производители, доколку не сакаат да се соочат со сомнение дека се однесуваат заштитнички кон домашните производители на автомобили.
















