Nokian разви нова генерација летни пневматици што се наменети за спортски теренци и постигнуваат голема предност при возење на влажна подлога.
Инженерите на Nokian ја применија технологијата на арамидни влакна за страничните ѕидови на двете нови серии Line SUV и zLine SUV, со цел да постигнат поголема цврстина и трајност на овие летни пневматици наменети за спортски теренци. Како следни предности на новите гуми, финскиот специјалист ги наведува динамичното возење и безбедноста на влажна подлога, комфорот при возење по терен и во град, како и намалената потрошувачка на гориво поради нискиот отпор на тркалање.
Арамидните влакна ги спречуваат оштетувањата на страниците
Арамидните влакна првенствено ги зајакнуваат страниците на пневматиците на Nokian, со што ја продолжуваат и нивната трајност. Ова е особено важно кај гумите за спортски теренци, коишто честопати трпат странични удари при возењето по терен. Дизајнот на газечката површина е сличен со Nokian Line. Новите гуми од серијата Line SUV се наменети за компактни и средни теренци и се нудат во 31 димензија, од 15 до 19 инчи, во три брзински класи – T (190 km/h), H (210 km/h) и V (240 km/h). Продажбата се очекува да стартува веќе пролетва. Во понудата влегуваат и гуми со технологија Flat Run, како и верзија XL со максимална носивост.
За највисоката класа на спортски теренци е наменета серијата zLine SUV, којашто е оптимирана за прецизна управливост, безбедност во екстремни услови и задоволство во возењето. Арамидната технологија се користи и во оваа гума со повисока спецификација. Nokian zLine SUV покрива 24 големини на гуми, од 17 до 22 инчи и брзински индекс до 300 km/h (Y). Во четиригодишниот развој се внимавало и на издржливоста на новите пневматици на неквалитетните патишта низ Централна Европа, како и во услови на високи температури и отежнати услови на експлоатација.
















