Случајот со недозволената емисија на штетни азотни оксиди од дизел моторите на Opel штотуку почнува да добива на публицитет. Испитувањата од независни иституции потрдуваат дека и Opel мами околу еколошката погодност на своите дизели.
Откако од Opel се обидоа да ги деманираат наодите на германското еколошко здружение околу прекумерната емисија на азотни оксиди во 1,6-литарскиот дизел во Zafira Tourer, за дури 17 пати повисока од законскиот лимит, здружението денес изнесе нови аргументи: – При споредбено возење на европското здружение за заштита на животната средина Т&Е утврдено е дека реалната емисија на азотни оксиди кај Opel Zafira Tourer 1.6 CDTi е до десетпати повисока од дозволеното; Сомнително ниската потрошувачка на адитивот AdBlue при првите дојави од сопствениците на Opel Zafira e убедлив доказ за неправилната работа на системот за пречистување на издувните гасови; Сопствениот тест на Opel со ‘учество на TUV’ уште не е објавен; Здружението достави до надлежните сојузни органи дополнителни докази за неправилностите кај Opel Zafira 1.6 CDTi; Сопствениците на Opel Zafira и на автомобили од други марки со катализатор SCR се повикани да ги соопштат своите искуства околу потрошувачката на AdBlue во нивните возила.
По минатонеделното објавување на сомнителните вредности за издувните гасови, со 17-кратно пречекорување на граничната вредност за азотни оксиди во одредени сценарија на тестирањето на Opel Zafira 1.6 CDTi, германското еколошко здружение доби повеќе сознанија за необично ниска потрошувачка на адитивот AdBlue (уреа) кај овој модел. Директор на такси компанија соопштил до здружението дека по 200.000 поминати километри се дополнувале само по 2,5 до 4 литри уреа, а при секое редовно сервисирање на возилото, сервисната работилница констатирала дека сé е во ред со системот за впрскување уреа во издувот. Покрај тоа, сопствениците на Opel, на интернет-форумите пријавувале исклучително ниска потрошувачка на AdBlue од само 0,25 литри на 1.000 километри.
„Во зависност од оптоварувањето на моторот, потребни се меѓу 1 и 3 литри AdBlue на секои 1.000 километри, заради ефикасно намалување на отровните издувни материи во катализаторот SCR. При ниско дозирање на AdBlue драстично се зголемува емисијата на азотни оксиди поради слабата хемиска реакција,“ образложуваат од здружението.
Opel Zafira Tourer 1.6 CDTI е трет „највалкан“ автомобил по Audi A8 и BMW X3
Европската асоцијација за „Transport & Environment“ во студијата што беше објавена во септември годинава, ја класифицираше Opel Zafira Tourer како трет највалкан автомобил по Audi A8 и BMW X3, од вкупно 23 возила во испитувањето, со 9,5 пати повисока емисија на азотни оксиди од дозволената при реални услови на возење.
Германското еколошко здружение, пак, на 27-ми октомври доставило докази до германското министерство за сообраќај и до надлежните институции за издавање хомологација на возилото, околу недозволената емисија на штетни материи кај Opel Zafira Tourer 1.6 CDTi. Четири дена пред тоа, здружението за заштита на животната средина и на правата на потрошувачите, на конференција за медиумите ги објави резултатите од испитувањето на возило од овој тип во лабораторијата на техничкиот факултет во Берн и мерниот протокол на 50 страници го достави до германското министерство за транспорт и до самиот Adam Opel AG.
Opel уште ги нема објавено резултатите од сопственото тестирање на сомнителниот дизел
Од Opel сметаа дека е доволно да се изјаснат со кусо соопштение за медиумите, со напомена дека производителот во сопствените испитувања со посредство на TUV утврдило дека издувот на возилото е во дозволените законски рамки. Како што наведуваат од здружението „до денес Opel ги нема објавено резултатите од сопствените испитувања.“
Целиот овој случај конечно упатува со сигурност дека покрај Volkswagen, марката Opel е следна што ќе биде фатена во мамење околу реалната емисија на штетни азотни оксиди.
















