Визија на BMW за некогаш во следните сто години

BMW го прославува стотиот роденден и си подари концептен автомобил што одговара за тој повод. Спектакуларниот Vision Next 100 покажува како автомобилите би изгледале и би возеле некогаш во следните сто години.

BMW денес одбележува значаен јубилеј. На 7-ми март 1916 година, Густав Ото, син на пронаоѓачот на ото-моторот, го регистрираше претпријатието. Сто години подоцна, на истиот ден, актуелниот шеф Харалд Кригер на големата прослава на јубилејот го претставува концептниот автомобил Vision Next 100. Уште три концептни автомобили ќе следуваат до крајот на годината. Во јуни ќе бидат претставени „стогодишниците“ од Mini и Rolls-Royce, за во октомври да биде прикажан и концепт од мото-марката, за со тоа сите марки што спаѓаат под покривот на BMW да се вклучат во прославата.

bmw vision next 100 (6)Секако дека главниот дизајнер Адријан ван Хојдонк имаше тешка и одговорна задача да го креира автомобилот што соодветно ќе се надоврзе на значајниот јубилеј. Беа активни и од одделението за конективност, којашто уште денес претставува важно подрачје при развојот на автомобилите. Спортското купе со должина од 4,90 метри е ставено на тркала што не се гледаат. Според визијата на BMW, бандажите во иднина повеќе нема да имаат улога во визуелниот настап на возилата, затоа што ќе бидат покриени целосно од каросеријата.

Тоа е во интерес на аеродинамиката, а ефикасноста на ваквиот пристап се докажува и со вредноста на коефициентот на отпор на воздух од само 0,18. Проблем е што тркалата сепак мора да имаат простор за вртење. BMW користи посебен трик за негово решавање. Подрачјето околу тркалата е изработено од еластичен материјал што се растегнува при вртењето на тркалата. Оваа идеја веќе беше прикажана во претходните концепти од Минхен и сега повторно наоѓа примена под името „жива геометрија“. Во концептот се вклучува и аквитниот заден спојлер, којшто по потреба исто така се „извлекува“ од каросеријата.

bmw vision next 100 (9)Кога возачот и патниците ќе се приближат до возилото, тоа автоматски ги отвора четирите крилести врати и поканува во кабината којашто е голема колку во актуелната серија 7. Копчиња и разни прекинувачи повеќе нема да има во кокпитот на иднината. Дури и воланот е впуштен во кокпитот. Кога возачот ќе го допре логото на BMW во таблата, вратите се затвораат и воланот излегува од арматурната табла. Вклучувањето и ракувањето со функциите на возилото се врши преку гестикулација со дланките, а информациите се прикажуваат на ветробранот.

На ветробранот се прикажува и идеалната линија за возење, а на возачот му се најавуваат и пречките што тој уште не може да ги види пред себе, како на пример, одрон на патот или друго возило што се приклучува на патот. Покрај информациите што возачот ги добива на ветробранот, дури 800 подвижни триаголници на арматурната табла и во облогите на вратите се менуваат и го предупредуваат возачот. Тоа исто така е дел од концептот „жива геометрија“.

bmw vision next 100 (5)Vision Next 100 не би била футуристичка студија доколку не може да вози самостојно. Кога возачот ќе реши да му го препушти возењето на автомобилот, Vision Next 100 се префрлува во модус „ease“, го вовлекува воланот, ја повлекува средишната конзола од возачот и од хаубата го извлекува таканаречениот „Companion“ (придружник). Оваа мала скулптура во тој случај ја презема задачата на возачот и со осветлувањето им укажува на патниците и на минувачите дека возилото во тој момент управува самостојно.

Со тоа не завршуваат сите функции на „придружникот“. Тој комуницира со надворешниот свет и на пешаците им дава знак дека ги забележал и дека истите можат безбедно да минат преку пешачкиот премин. За тоа време, патниците во кабината можат да седат завртени едни кон други и спокојно да си разговараат. Бидејќи големиот ветробран повеќе не се користи за информации што се важни за возачот, тој може да се користи како голем екран, на пример за видеотелефонија.

BMW не открива каква технологија го задвижува визионерскиот концепт, туку само наведува дека се работи за погон без каква било емисија на штетни материи, кој обезбедува висока динамика во возењето. Таков погон веќе нуди и денешницата – автомобили со погон на водород и електрични возила.

Во поглед на материјалите, визијата на BMW се откажува од дрво и кожа, заради зачувување на животната средина. Место тоа ќе се користат некои нови материјали од иднината, рециклирани материјали и остатоци од карбон што произлегуваат при производството.

Претходна објаваНовиот Civic ќе ѝ донесе голем поттик во продажбата на Honda во Европа
Следна објаваТеренецот F-Pace ќе стане најпродаван модел на Jaguar?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here