
Битуменот кој наоѓа обемна примена во градежништвото досега се добиваше првенствено од нафта. Француските научници најдоа замена. Нивниот битумен се добива од биолошка основа.
Битуменот наоѓа широка примена во градежништвото, кадешто се користи како изолација или лепило, но тој претставува значајна состојка и во уличниот асфалт. Проблем е единствено добивањето на битуменот. Тој се произведува од нафта.
Во заеднички истражувачки проект на францускиот центар за научно истражување, Универзитетот Нант и фирмата Algo е пронајден начин за битуменот директно да се произведува од алги и на тој начин да се постигне независност од нафтата. Тајната на новата технологија е во микроалгата сценедезмус, досега користена првенствено во козметичката индустрија. Некои практични својства на оваа алга досега се заменаруваа. Козметичката индустрија се интересира единствено за белковините што се екстрахираат од алгите, а нуспроизводите ги исфрлува во отпад.
Различен состав, но исти физички својства
Истражувачкиот тим утврди дека под дејство на притисок и влијание на вода, од овие нуспроизводи може да се произведе еден вид биолошки битумен. Тој материјал има различен состав од неговиот пандан од нафта, но затоа ги поседува истите физички својства, односно може да се користи во изградбата на патишта.

Со био-битуменот може да се работи во течна состојба при температура од 100 степени Целзиусови, додека во температурното подрачје меѓу -20 и +60 степени Целзиусови тој е во исто време жилав и еластичен и го зацврстува асфалтниот гранулат. Новиот материјал ги издржува и истите оптоварувања од патниот сообраќај како битуменот. Во наредната фаза ќе се истражуваат можностите за зголемување на ефикасноста во екстрахирањето на алгите, со цел да се постигне исплатливост за индустриска примена. Потоа би следело и постепено воведување на новиот материјал во градежништвото.















