Пробивот на Google и Apple во автомобилскиот кокпит повеќе не се запира. Производителите на автомобили се обидуваат да држат чекор со свои решенија, но се вмешуваат и нови играчи.
Борбата за преземање на водечката улога во автомобилскиот кокпит меѓу производителите на автомобили и информатичката бранша се заострува. Додека купувачите со задоволство ги користат технологиите во мултимедиските уреди од Apple и Google во своите возила, производителите на автомобили се подготвуваат за возвратен удар. Концерните Ford и Toyota планираат да реализираат соработка во системите за интегрирање на паметните телефони во нивните идни модели, со цел да им се спротивстават на Apple Carplay и Android Auto.
Овие два система беа претставени пред една година и се пробиваат несопирливо во автомобилите од марките Volkswagen, Seat, Mercedes, Audi, Chevrolet или Hyundai. Системите овозможуваат избрани мобилни апликации за забава или навигација да се појават на дисплејот во автомобилскиот кокпит, посредувајќи во исто време и во размената на куси пораки или телефонски повици. Повеќето производители ги подржуваат обете платформи, но продолжуваат да развиваат и сопствени решенија. Toyota и Ford исто така се партнери во Carplay. За разлика од јапонскиот концерн, Ford е присутен и со Android Auto.
Производителите се обидуваат со сопствени идеи да им парираат на Google и Apple
Зад целата оваа мешаница има и заднински игри. Автомобилските фирми стравуваат дека Google и Apple ќе им ги „соберат“ податоците од корисниците. Се води борба околу преземање на контролата. Carplay и Android Auto се дизајнирани на тој начин што автомобилот се претвора во прибор на паметните телефони. На производителите на автомобили им пречи и тоа што се губат разликите меѓу одделните марки и нивниот идентитет, односно се унифицира дел од кокпитот. Ракувањето со мултимедиските функции во Bentley не може да биде исто како во Skoda.
Fiat против Google и останатите
Италијанскиот концерн се обидува да држи чекор со мултимедиски систем од сопствен развој. Нивниот систем и целиот кориснички интерефјс е развиен во соработка со американскиот концерн Harman. Неодамна шефот Серџо Маркијоне излезе со изјавата што ја шокираше браншата, во врска со подготвеноста да соработува и со Apple и Google место со останатите производители на автомобили, во неговата потрага по моќен партнер за унапредување на бизнисот.

„Серџо“ се појави и во Силиконската Долина, на средба со шефот на Apple, Тим Кук, како и со основачот на електроспецијалистот Tesla, Илон Маск. Според изјавите на италијанскиот шеф, Кук бил заинтересиран за Apple да „интервенира во автомобилите“. Тоа само долеа масло во огнот што трае веќе со месеци околу развојот на електричен автомобил во Apple, кој се очекува да се појави на пазарот во 2020 година. Топ-менаџерот во Apple, Џеф Вилијамс, во минатата недела навести дека неговата фирма навистина подготвува автомобил.
Автомобилот е „ултимативен мобилен уред“
На прашањата околу можното проширување на понудата на производи за време на конференцијата на блогот „Рикоуд“, Вилијамс одговори: „Автомобилот е ултимативен мобилен уред, зарем не?“ Во браншата почнува да врие. Шефот на Volkswagen, Мартин Винтеркорн, пред неколку денови ненадејно го нападна Apple. „Концерн како Apple ги произведува своите продукти речиси исклучиво кај добавувачите во Азија, дури и под сомнителни услови“, изјави Германецот на конференција во Берлин. Винтеркорн сепак пропушти да нагласи дека Apple во меѓувреме има воспоставено строга контрола на целиот свој синџир добавувачи низ светот. Факт е дека автомобилите во следните години ќе доживеат силна трансформација. Автономните автомобили се само еден пример за тоа.
Силиконската Долина ќе биде новиот центар на автомобилскиот свет
Откако автомобилите со погон на струја ќе станат масовна појава на улиците, цели индустриски подгранки ќе пропаднат, особено производството на мотори или менувачи. Како што електрониката ќе продолжи да навлегува и да ги освојува автомобилите, така ќе расте и влијанието на Силиконската Долина, односно на гигантите Google и Apple. Постојано пристигаат нови и свежи играчи. Роботизираните автомобили на Google веќе редовно се гледаат додека тестираат по калифорниските патишта, но во меѓувреме и малите компании, како Local Motors, иден производител на каросериии од 3D-печатар, најавуваат планови за изработка на автономен автомобил. Од компанијата очекуваат дека технологијата на автономното возење ќе стане достапна за многу кусо време. Дури и смртната закана на такси-бизнисот, компанијата Uber, се подготвува за новата иднина. Неодамна, четириесетмина врвни научници од катедрата за роботика на Универзитетот Карнеги Мелон прејдоа во овој следен потенцијален гигант во браншата.
















