за

Неколку куси совети пред зимата

подготовка за зима, акумулатор

Зимата сигурно доаѓа, а со тоа и можните проблеми со возилото. За студеното време да не нé најде неподготвени, следат неколку куси потсетувања за најважните работи пред зимската сезона

Зимата не е најомиленото годишно време зад воланот и возачите честопати ја оставаат подготовката на возилото за студениот период до последниот момент. А, кога автомобилот не може да стартува наутро, затоа што акумулаторот откажал, тогаш е веќе предоцна. Возачите што „професионално“ се однесуваат кон својот автомобил сигурно имаат пообемна и подетална подготовка на возилото, но пет работи се основни: Акумулаторот, гумите, антифризот, бришачите, светлата. Секако дека не треба да се заборави, задолжителната зимска опрема да се врати во автомобилот.

Подобро да се спречи отколку да се лечи, важи и за автомобилот

Кога ќе се проверат основните пет работи, помала е шансата за непријатни изненадувања, исто како и за скапи набавки што можеле да се избегнат. Обично, едно постудено утро е доволно за акумулаторот да откаже послушност. Тоа можело да се спречи доколку истиот бил наполнет навреме.

Петте основни совети за проверка пред навистина да стане студено:
1

Однесете го возилото за проверка на наполнетоста на акумулаторот и на исправноста на алтернаторот, односно на полнењето на акумулаторот во текот на возењето. Најчестите повици до сервисните екипи во зимските денови се однесуваат токму на проблем со акумулаторот. Студеното време дополнително го измачува ослабнатиот акумулатор, така што проверката сигурно нема да биде вишок.

Го проверивте акумулаторот на возилото?

Десет акумулатори на тест, еден не заслужи препорака

Доколку возилото често се вози на долги релации, тоа не само што е штетно за моторот и за целата погонска спрега воопшто, туку и за акумулаторот – некогаш е доволно да се извози половина час низ град, за тој да си ја врати енергијата.

2

Проверете дали има доволно течност во системот за ладење, но исто така проверете ја и температурата до која што штити антифризот. Тоа е најдобро да се направи во сервис, или со користење на едноставен и евтин уред, кој се нарекува хидрометар. Имајте предвид дека антифризот не штити само од замрзнување, туку има уште цела низа функции, меѓу другото и спречување на штета од кавитација, корозија, прегревање и сл.

3

Проверете ја исправноста на сите светилки на автомобилот, надвор и внатре. Не е лошо во возилото да има и комплет резервни светилки – уште подобро ако возачот е запознаен како се заменуваат светилките на предните и задните светла. За потсетување, не е важно дали возачот смета дека гледа добро и само со едно светло, туку е важно и другите возачи да го гледаат добро.

4

Проверете ја длабочината на профилот и притисокот на пневматиците. Кога тие се во добра состојба, добро функционираат и системите за контрола на стабилноста, особено „АБС-от“. Не е важно дали автомобилот во зима ќе се вози само на исчистен снег и само во град – функцијата на гумите во зимскиот период, во овој случај, се сведува на ефикасно потиснување на водата од газечката површина. Затоа е важно гумата да има доволно длабок профил, односно повеќе од три или четири милиметри. Секако дека најдобро решение се зимските гуми.

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Евтините марки подобри од скапите

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Димензија 195/65 R15 T

Тест на зимски гуми на АДАК: Димензија 215/65 R16 H

Повторно за потсетување: Мешавината на летните гуми скрутува при ниски температури, поради што се зголемува нивното абење. Зимските гуми ја задржуваат еластичноста. Околу зимските гуми, проверете ги тестовите на АДАК што редовно ги објавуваме, исто како и нашите совети. Ако се сетите да ги монтирате зимските гуми неколку денови пред сите, а тоа обично е при првиот снег, го избегнувате и метежот во специјализираните сервиси.

5

Проверете ги и бришачите. Старите метлици ќе станат уште покрути кога ќе застуди, а со тоа и повеќе порозни. Ефикасноста им ослабнува, а во сиот метеж при првиот снег, неретко почнува да нервира и звукот од старите бришачи, кои тропаат и чкрипат по ветробранот. Да не се „заборави“ дека бришач има и на задното стакло. Најмалку треба да се заборави на тоа да се наполни зимско средство во садот за миење на стаклата. Тоа најчесто значи, воопшто да се наполни течност во садот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Atlas

Volkswagen со повеќе продажби и промет, а помалку профит и маржа

Luxury Briefing Awards Aston Martin

Aston Martin е луксузна марка на годината