Кинеската холдинг групација Geely планира, својата марка електрични автомобили од премиум сегментот Zeekr, да почне да ја продава на европскиот пазар од следната година.
Zeekr се придружува во растечкиот список на производители од Кина, коишто во Европа бараат нови пазари за зголемување на продажбата на своите електрични возила. Во тој список веќе се имињата на BYD, Xpeng и Great Wall Motors.
Холдингот Geely, сопственик на Volvo Cars и Polestar, а воедно и инвеститор во Mercedes-Benz, стартуваше со марката Zeekr во минатата година. Марката припаѓа во премиум сегментот и наменета е за помладите купувачи. Автомобилскиот огранок Geely Automobile пред извесно време најави дека планира акциите во Zeekr да ги понуди на берза.
Ан Цонгхуи, извршен директор на Zeekr и претседател на Geely, пред новинарите на тркалезната маса што се одржа синоќа во Вужен, во источната кинеска провинција Џеѓанг, изјави дека Geely ја создал марката Zeekr со цел таа уште од самиот почеток да ги исполнува стандардите во Европа и во САД.
Ан најави дека Geely в година ќе стартува со продажба на својот електричен кросовер со ознака 001 во Европа. Тој не посочи колкава продажба се очекува од моделот и дали Zeekr планира да произведува надвор од Кина.
Zeekr го лансираше моделот 001 во Кина кон крајот на 2021 година. Во првите девет месеци се продадени 39.474 возила, додека Tesla во истиот период во земјата продаде 219.112 примероци од Model Y.
Цената на Zeekr 001 во Кина одговара на 41.000 долари. Tesla Model Y по неодамнешното поевтинување чини 40.000 долари. Цената по којашто автомобилот ќе се нуди на европските пазари уште не се објавува.