за

Црвени налепници за автомобилите со најлоша емисија, забрана за возење кога воздухот е загаден

За брзо решавање на проблемот со загадувањето не се потребни милиони и не се потребни години, туку е потребна храброст и решителност на тие што ги водиме божем за државни функцонери.

Загадувањето со честички ПМ ниту е проблем што не се надминува, ниту е проблем што не е надминат. Градови во Европа со многу повеќе жители, возила, индустрија, сообраќај, објекти во изградба, од Скопје, Тетово, Битола, Кичево, а по ново и Штип, го надминале проблемот, со тоа што одлучно зафатиле таму каде што е вистинскиот извор на емисијата на неразградливи честички ПМ – во старите автомобили со големи и силни дизел мотори, и соодветно висока емисија на опасните честички ПМ, што откако еднаш ќе доспеат во телото, повеќе не го напуштаат.

Што имаат заедничко Антверпен и Брисел, Копенхаген, Париз, Атина, Лондон, Милано, Торино, Рим, Валета, Амстердам, Осло, Виена, Лисабон, Женева, Мадрид, уште бројни градови ширум Европа, во поглед на сочувувањето на квалитетот на воздухот, од влијанието на штетната емисија на ПМ-честички од возилата? Во стотици европски градови, вклучувајќи бројни гратчиња во Италија и Франција, што се одредиште на туристите, постојат зони на заштитена животна средина.

Тие зони со децении се шират постојано и во голем број случаи веќе опфаќаат повеќе од половина од територијата на градовите. Во Германија, тоа се „Умвелтзоне“, во Франција се „Зон де Протексион де л’ер“, во Лондон е „конџешчн чарџ зоун“, во Италија се означуваат како „Зона а трафико лимитато“, во Унгарија е „Смогриадо“. Во Македонија? Такво нешто уште не е измислено.

Во поглед на заштитата на животната средина, земјава заостанува најмалку две децении, барем што се однесува до заштитата од штетното влијание на издувните гасови од моторните возила. За погодноста на возилата за животната средина уште решава министерство за економија. Додека народот не само што масовно и со децении ни се гуши од стотиците илјади увезени стари автомобили, туку и трпи трајни последици од загадениот воздух, препуштено е тоа министерство да оценува дали возилата се доволно квалитетни во поглед на емисијата на штетни материи.

Во земјава не може да се увезе стар автомобил со понизок стандард од Еуро 4, што значи возило постаро од 2005 година. Колку е квалитетна нормата, во поглед на честичките ПМ, доволно кажува тоа што повисоката норма Еуро 5 е петпати построга. Тоа што Еуронормите, воведени патем во 1992 година, пропишуваат колкава смее да биде емисијата на ПМ, од тукашните божем функционери, божем еколози, па и божем новинари, досега не стигнало да биде препознаено како основа за посериозно да се пристапи во поглед на загадувањето со ПМ.

Земјава уште верува масовно дека возилата, поточно уништениот возен парк, откако препродавачи почнаа да донесуваат крш возила од бугарските плацеви за стари возила, немаат удел во загаденоста што во изминативе десет години е главна тема, не само во Скопје, туку насекаде низ државата.

Додека народот се сомнева во правдата, образованието, безбедноста, доделувањето тендери, здравството, субвенциите, во сé, единствено верува слепо дека возилата учествуваат со 20 проценти во загадувањето на воздухот. Заблуда што направи масовно да ни се труе цела нација.

Ситуацијата со загаденоста на воздухот ширум земјата се смени, откако во 2010 година беа укинати сите регулативи, што дотогаш спречуваа да се увезат автомобили со лош стандард на издувни гасови. Тоа беше извршено под притисок од 50.000 терачи на автомобили со бугарски регистерски таблици, кои тогаш се заканија дека ќе ја блокираат државата, доколку мора да платат високи давачки, коишто дотогаш нé штитеа токму од високата емисија на тие големи и тешки лимузини и џипови, што се купуваа евтино по бугарските автоплацеви.

Откако еднаш се урна таа заштита, возниот парк продолжи да се уништува прогресивно, иако од лаичко гледиште тоа е потешко да се согледа, ако автомобилите се ценат од површината.

Во 2018 година, во МАНУ почна да се води дебата, којашто две години подоцна резултираше со воведување т.н. еко-давачка. Тогаш првпат се зеде предвид еколошкиот аспект на возилата. Како што секогаш бидува, почитуваните академици беспрекорно си ја завршија својата работа и поставија основи за стратегија, што требаше да се почитува најмалку во следната деценија.

Откако работата на академиците доспеа до владата, законот за данок за моторни возила, по приципот на расипан телефон или расипан некој друг уред во главата на функционерите, се појави во сосем друга форма, и нормално, со сменета смисла.

Уште тогаш, пред шест години, почна да се зборува за воведување т.н. еко-плакети. Идејата не беше нова, ниту невообичаена за автомобилизмот, меѓутоа главниот проблем испадна неподготвеноста на медиумите, да ги согледаат целта и користа од воведувањето на тие плакети. Меѓу другото, тие плакети досега ќе нé штитеа веќе со години, од периодите кога „дишењето е опасно“.

Најверниот пример за тоа го даде еден тв-канал со национална концесија и со најдобрите турски серии од „деветсто трета“ наваму, кој целата таа иницијатива ја оцени со „Сега државата ќе казнува со 500 евра за старите автомобили“. За нештата да продолжеа да се одвиваат со правилен тек, многу поблагодарно ќе беше насловите и најавите да почнуваа со „владата ќе нé штити од евтин увоз на стари големи автомобили, што ни го загадуваат воздухот“.

Значи, плакетите остануваат тема што треба и мора да се сработи. Исто како што функционира принципот во Берлин или Мадрид, во Копенхаген или Атина, на ветробранот на сите автомобили што се регистирани во Макодонија, треба да се постави налепница во соодветна боја, според емисијата на штетни материи.

Возилата со пониска емисија на штетни материи, значи главно поновите возила, исто како и помалите возила од постарите годишта (градска класа, компакт класа, „голф класа“, со помали мотори, бензинци што не испуштаат ПМ, возила што се природни за нашиот стандард и за потребите), ќе добиваат зелена или жолта плакета, односно налепница за ветробранот.

Соодветно, возилата со висока емисија на штетни материи, главно стари возила, од луксузните класи, силни бемвиња и тешки џипови, какви што масовно се довлечкуваа од германските авто отпади и бугарски автоплацеви (и уште се довлечкуваат, 30.000 лани), со висока емисија на ПМ, вклучувајќи и висока емисија на азотни оксиди – што уште не станале да бидат тема, иако се подеднакво штетни како ПМ, ќе добиваат портокалова или црвена налепница за ветробранот.

Сето тоа може да се сработи за исклучително брзо време. Хомологацијата за секој автомобил што е увезен, точно ги вклучува вредностите на емисијата на штетни материи. Налепниците може да им се испратат на возачите по пошта. Полицијата ќе казнува доколку налепница не е поставена по одреден период.

Каква е фунцкијата на налепниците? Во деновите во коишто е страотна загаденоста на воздухот, не само во Скопје, туку и во Тетово, Кичево, Битола, Кавадарци, возилата со портокалова и црвена налепница не ќе смее да учествуваат во сообраќајот. Во 2024 година, нема да биде тема од научна фантастика ако вистински се постават камери по улиците, што ќе читаат дали некое возило со висока емисија се користи во „забранетите“ денови.

Нормално, за сето тоа да функционира како целина, треба и градовите да добијат градски превоз. Патем, тоа е привилегија на градот. Што е поедноставно од тоа, да се отвори мобилна апликација, да се провери која автобуска линија води кон саканото одредиште, да се појде до станица, на читачот во автобусот да се доближи телефонот и буквално за секунда да се плати возењето, триесетина денари, безгрижно и спокојно да се пристигне на местото и да се пропешачи пет минути, без да се мисли каде да се паркира возилото. И најстрашното, тоа веќе со години функционира во Скопје.

Уште ќе ги слушаме еко-активистите, реално еко-воајерите или еко-паразити, што пикирале милиони евра во државната каса и ценат дека им припаѓа, а притоа ништо не постигнале во заштитата од штетната емисија од возилата, па дури и се неспособни да согледаат колкаво е вистинското влијание на сообраќајот врз загаденоста со ПМ?

А, што фали за помасовно да се користат велосипеди во градовите? Кога воздухот ќе биде чист и на велосипедите ќе им биде оставено повеќе простор, уште помасовно ќе се возат велосипеди. Тоа секако не значи дека помалку ќе си ги сакаме автомобилите или дека нема викендите да ги користиме за со автомобилите да отпатуваме на кое било место низ нашата прекрасна Македонија.

Што да правиме тогаш со нашите големи и силни лимузини и џипови, што ни се премногу отровни за градовите, затнати од подржикоњски градби? Можеме, на пример, да појдеме до водопадите во Пехчево, до Мариово, зиме во Преспа, на Голак, секако во Охрид, Маврово, Дојран, Лешок, насекаде. Но, за тоа треба и патарините да се заменат со „поприродна“ наплата, со вињета. И тоа е жешка тема.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Порше Тајкан вози побрзо

Сименс нарача 1.000 електрични возила Фолксваген ИД.4