
Компанијата Сименс вклучува илјада електрични возила Фолксваген ИД.4 во својот возен парк. Станува збор за лизинг преку огранокот Фолксваген Фајненшел Сервисес.
Една од најголемите и најстари индустриски претпријатија во Германија, Сименс АГ, во рамките на својата стратегија за електрификација и одржливост, ќе воведе илјада целосно електрични СУВ-модели Фолксваген ИД.4 во својот возен парк.
„Возните паркови на претпријатијата и институциите се важен двигател за пазарот на електричните возила да се развива“, цени Армин Вилингер, претставник на управата на Фолксваген Лизинг. Како што понатаму објаснува Вилингер, сé повеќе директори на возни паркови избираат електричен погон за возилата што ги користат за своите услуги. За јавноста тоа е најдобар доказ, колку електричните возила се применливи во секојдневието.
Сименс до 2030 година ќе го префрли целиот свој возен парк на електричен погон. „Со тоа сакаме да станеме предводници во нашата бранша“, објаснува Штефан Курц, директор на целиот возен парк на Сименс. Изборот паднал на Фолксваген ИД.4, затоа што „возилото од наше гледиште нуди добар спој меѓу досегот, брзината на полнење, зафатнината на багажникот и цената.“
ИД.4 е првиот целосно електричен СУВ-модел на Фолксваген од компакт класата. Моделот се произведува и продава во Европа, но и во Кина и во САД. Платформата на заеднички делови за електрични возила МЕБ претставува технички ‘рбет на офанзивата со електрични возила на Фолксваген.
Предноста на платформата се огледува меѓу другото и во просторноста во кабината на ИД.4. Според фабрика, досегот се движи до 512 километри, односно до 531 километри, доколку се вози исклучиво во град. Може да се користат брзи полначи со моќност до 135 киловати, што овозможува батеријата да се наполни за помалку од еден час.
Технички податоци, цени и опременост на Фолксваген ИД.4 во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели на автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Моделот лани беше на тестирање во Аутомедиа, при што меѓу другото беше извозена и рута од Скопје до Гевгелија, до брзиот полнач со 100 киловати, на станицата на Макпетрол, кај преминот Богородица. Притоа се потврди и веродостојноста на досегот, како и брзината на полнењето.















