Xpeng наскоро почнува со испорака на електричната лимузина P7 на кинескиот пазар. Изгледот и техниката се споредливи со Tesla Model S, но цената е на страна на кинескиот електромобил.
Кинескиот производител на електрични автомобили Xpeng започна со нарачки за спортската лимузина P7, што беше претставена лани. Првите клиенти ќе ги добијат своите возила веќе кон крајот на јуни. Стилот и техниката на Xpeng P7 јасно се ориентирани според калифорнискиот пионер, но во цената има драстична разлика. Компанијата од Кина се реши за малку поинаков пристап за концептот на својот модел.
Каросеријата со издолжена силуета изгледа елегантно, а тенките светла со диодна техника се како сведоштво дека се работи за возило со модерна технологија. Рачките во вратите се впуштени, заради подобра аеродинамичност. Лимузината долга 4,90 метри се базира врз платформата што Xpeng ја нарекува Sepa, односно Smart Electric Platform Architecture. Исто како кај Tesla, моделот се нуди во изведби со различна погонска конфигурација и големина на батеријата.
Голема каросерија, но без непотребни екстреми во погонската спрега: 266 КС во основната изведба, во комбинација со досег од 568 километри
Основната изведба има погон само на задната оска, со електромотор од 266 КС. Поскапата верзија користи погон на сите тркала и дополнително има електромотор со 163 КС на предната оска. За варијантата со заден погон може да се бира меѓу батерија со големина од 71 или 81 kWh. Поголемата батерија е стандард кај варијантата со погон на сите тркала. Со заден погон, P7 со поголемата батерија вози до 706 километри, со помалата 568 километри до следното запирање на полнач.
https://photos.app.goo.gl/4fuEfVFDChGbzry49
Спринтот на „послабата“ верзија до темпо сто трае 6,7 секунди, додека кај верзијата со два електормотори, тоа трае 4,3 секунди. Сопирачки систем од Brembo се грижи и „негативното“ забрзување да биде примерно: Патот на запирање од 100 km/h е долг 35 метри.
Брзото полнење исто така не е проблем за лимузината на струја. Батеријата се полни од 30 до 80 проценти за помалку од половина час. За десет минути се полни енергија за 120 километри пат. Секако, вредностите важат при користење брз полнач со еднонасочна струја.
https://photos.app.goo.gl/7JWQRFYXNPV3hagx6
Цената е најдобрата вест, но само за Кинезите. Основната изведба на Xpeng P7 таму чини околу 30.000 евра, додека за верзијата со погон на сите тркала се потребни најмалку 43.000 евра. Европскиот пазар засега не е во план.
Неколку факти за Xpeng и за P7
- Моделот се нуди во 3 верзии и 8 конфигурации, со цена меѓу 229.900 и 349.900 RMB (29.750 до 45.250 евра)
- Прв автомобил со трето ниво (L3) на автопилотирано возење во Кина
- Прв сериски автомобил во светот што користи системски чип Nvidia Drive AGX Xavier
- Модел со најдолг досег од 706 km од Кина
- Прв автомобил во светот со модул Infineon 950 IGBT
- Подвозје дотерано во соработка со германски инженери
- Систем од 12 ултразвучни сензори, 5 радари, 4 камери
- Продажна мрежа од 113 салони во 57 градови и 73 сервисни работилници во Кина
https://www.instagram.com/p/B_qGPb5KlOc/
















