Volkswagen е пред воспоставување соработка со Foxconn, за историската марка Scout да се врати на автомобилската сцена.
Volkswagen е во преговори со Foxconn, за тајванскиот лон-производител да се ангажира во производство на возила од марката Scout. Тоа го дознава индустрискиот гласник Аутомотив Њуз, од внатрешни извори во VW.
Foxconn, познат по тоа што го произведува Apple iPhone, во септември стартуваше со производство на пикапот Lordstown Endurance, откако ја купи фабриката на компанијата во Охајо, што самите Lordstown во 2019 година ја купија од General Motors.
Од германската компанија во мај објавија дека планираат марката теренски возила Scout, по долго мирување, да ја вратат на сцената. Марката Scout стана дел од концернот, откако Volkswagen во минатата година се спои со производителот на камиони Navistar.
Scout е марката што компанијата International Harvester ја користеше за своите теренски возила во периодот од 1960 до 1980 година.
Foxconn во минатиот месец претстави прототипи на две нови електрични возила, како знак дека компанијата има намери да се вклучи во производството на автомобили. Компанијата сепак има постигнато светски успех во монтажата на производи од потрошувачката електроника, како најголем лон-производител на Apple. Партнерството со Volkswagen би претставувало уште една голема пресвртница во историјата на тајванската компанија.
Освен со Foxconn, Volkswagen води преговори и со Magna Steyr, компанија со седиште во Австрија, којашто произведува по налог и во сопственост е на канадскиот гигант Magna International. Тие, пак, разгледуваат можности да отворат фабрика во САД.
Scout би можел да ги развие своите први модели во соработка со Magna, напоменуваат изворите. Од VW не ги коментираат гласините околу можните соработки.
„Мошне сме задоволни со напредокот што го постигнува тимот на Scout и со ентузијазмот што тој веќе го создава меѓу постоечките фанови и идните клиенти“, порачуваат од компанијата од Волфсбург.
Тајвански Foxconn: Производителот на iPhone ги прикажа своите автомобили