за

Секој трет користен автомобил има вратена километража

Секој трет користен автомобил има вратена километража
Секој трет користен автомобил има вратена километража

Ограничувањата што беа воведени поради корона-кризата се разлабавуваат, се враќа раздвиженоста, а се очекува дека и пазарот на автомобили ќе заживее брзо. Доколку е во план купување користен автомобил, првенствено мора да се има на ум дека враќањето на километражата е многу честа практика.

Соодветни податоци за домашниот пазар на користени автомобили вообичаено отсуствуваат, но затоа има мошне конкретни информации од пазарот што ја „сервисира“ цела Европа со користени автомобили. Според германската полиција, секое трето користено возило што се продава во Германија, има вратена километража.

Се проценува дека со илегалното манипулирање со километражата, вредноста на автомобилите што се нудат на пазарот на користени возила се зголемува вештачки за просечно 3.000 евра. Тоа е вредноста што продавачот на такво возило практично ја „краде“ од измамениот купувач. Извршени се бројни тестирања, кои имаат докажано дека не постои ефикасна заштита на возилото од ваков вид на измама.

Враќањето се врши со помош на софтвер, без какви било ограничувања. Возило со половина милион километри буквално може да се „преправи“ во возило со петпати помала километража. Доволно е само соодветниот уред да се поврзе со приклучокот за дијагностика, кој е задолжителен од 2000 година, и возилото за помалку од минута се подмладува лажно.

Неколку совети за откривање на измамата со километражата:

– Побарајте сметки од сервисирање на возилото, проверете ги податоците за километражата во сервисната книшка, како и налепницата што се поставува на моторот, со точно наведена километража и датум на последната извршена промена на масло и на филтер за масло; Проверете и дали е фалсификувана налепницата.

– Во оригиналните германски сообраќајни дозволи, обично се наведува името и презимето на претходниот сопственик, како и градот на живеење. Обидете се да стапите во контакт со него и информирајте се за километражата со којашто тој го има продадено возилото.

– Во сервисните работилници се врши проверка на состојбата за користени возила; За тоа е потребен и мал надомест, меѓутоа поважно е човек да биде сигурен околу тоа што го купува.

– Не се раководете само според километражата, туку и според одржаноста на возилото. Автомобил што има малку километри, но претежно е возен во град, кадешто се поголеми и напрегањата за техниката, може да биде во полоша состојба отколку автомобил што има поголема километража, но возен е само на отворен пат.

– Повеќето од увозниците на автомобилски марки во Македонија веќе имаат развиено богата понуда од возила и привилегии. Доколку станува збор за доверба, секако дека треба да се верува повеќе во продавач зад којшто стои угледна и моќна компанија, отколку возило за коешто никој не гарантира.

Купување користено возило: Листа на проверки на Automedia

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen ID3 освои награди за дизајн

Volkswagen ID.3 освои награди за дизајн

Seat одбележува 70-годишнина

Seat одбележува 70-годишнина