Volvo развива нов бензинец со три цилиндри

Новиот трицилиндарец во верзијата со 180 КС ќе се вградува дури и во компактниот теренец XC60 од 2016 година

Швеѓаните започнаа со тестирање на новиот трицилиндарец што ќе се вградува почнувајќи од најмалечкиот модел па сé до компактниот теренец и во најсилната изведба ќе располага со 180 КС.

Како што се зборува веќе подолго време, исто како што ги замени големите мотори со пет, шест, па и осум цилиндри со еден единствен мотор со четири цилиндри и зафатнина од два литри, како во бензинска, така и во дизел изведба, Volvo планира во сите модели, почнувајќи од најмалечкиот, па до компактниот теренец XC90 да вградува само еден трицилиндарски мотор во повеќе верзии на моќност.

Новите трицилиндарци ќе ги следат истите начела како поголемите четирицилиндарци од генерацијата Drive-E. Тестирањата со прототипите веќе започнаа по шведските патишта. Малечкиот мотор од генерацијата Drive-E ќе покрива дијапазон на моќност од 105 до 180 КС и ќе биде значително покомпактен, полесен и поштедлив во споредба со постоечките мотори со четири цилиндри. Освен во компактното комби V40, трицилиндарците ќе се вградуваат и во моделите од средната класа, односно во лимузината S60, комбито V60 и теренецот XC60. Првото вградување се очекува веќе во 2016 година.

Швеѓаните докажаа дека добро се снаоѓаат со „смалените“ мотори во октомври годинава, кога го претставија прототипот од S60 со мотор со трикратно турбонатполнење и 450 КС од само два литра работна зафатнина. Моторот се разликува од останатите четирицилиндарци од генерацијата Drive-E по тоа што користи два турбополнача и еден компресор со електричен погон. Актуелниот врв во понудата од погонски единици го претставува Volvo XC90 T8 со системски 400 КС, во комбинација на дволитарски бензинец со турбо и компресорско натполнење и електромотор. Овој мотор го заменува стариот осумцилиндарец и иако е само „половина“ од него, постигнува за 30 проценти поголема моќност, додека потрошувачката на гориво е неспоредливо пониска. Како навистина функционираат новите мотори, ќе се покаже дури на првите тестови во водечките автомобилски магазини. Засега ветувањата остануваат само на хартија.

Претходна објаваSkoda Superb: Чешкиот Passat напролет со премиера во Женева
Следна објаваUber доби помош од 600 милиони долари од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here