По хибридните изведби на XC90 и V60, Швеѓаните го претставуваат и следниот модел со две срца. Volvo S60L T6 Twin Engine ќе се продава само на кинескиот пазар. Системската моќ изнесува 300 КС.
Volvo е еден од пионерите на хибридниот погон со можност за полнење на батериите преку обичен приклучок за струја. Во 2012 година шведската компанија прва лансираше модел во премиум сегментот со хибриден погон, а прва ја примени и комбинацијата од дизелски мотор со електромотор во сегментот. Комбито V60 D6 Twin Engine и натаму се вбројува меѓу најпродаваните хибриди од премиум марките. Посебно е интересна верзијата со погон на сите тркала, кадешто електромотор посебно ја задвижува задната оска.

Третиот модел во хибридната понуда на Volvo на глобалниот пазар е S60L T6 Twin Engine, којшто се произведува во фабриката на Volvo во Ченгду и ќе се продава на локалниот пазар. Под хаубата работи дволитарски бензинец од новата генерација Drive-E, додека задната оска е задвижувана од електромотор од 50 киловати, којшто се напојува од литиум-јонска батерија со капацитет од 11,2 киловатчасови. Од оваа комбинација произлегува системска моќност од 306 КС и способност лимузината да вози 53 километри само со погон на струја.
[quote_box_right]Причината зошто Volvo толку инсистира на хибридниот погон во Кина е строгото издавање регистерски ознаки на нови автомобили во поголемите градови, заради намалување на екстремната аерозагаденост. Хибридниот погон е повластен и сопственикот на такво возило може веднаш да го регистрира возилото, место да чека да му се посреќи на „државната лотарија“ за издавање регистрации[/quote_box_right]
Со стартувањето на продажбата на S60L T6 Twin Engine во Кина и по скорото претставување на XC90 T8 и V60 D5 Twin Engine во Европа, Volvo моментно располага со најбогата понуда на хибридни модели со надворешно полнење во премиум сегментот. Секоја следна година Volvo ќе претставува по два нови модела со плаг-ин хибриден погон.
















