До пред само две децении, со 400 КС располагаа единствено суперспортските модели. Ваква богата ергела денес може да се добие и во Golf, под услов да се работи за „R“ и да се доплати за тјунирањето во Abt.
Тристотините коњски сили во Volkswagen Golf R се повеќе од доволни. Многу повеќе од тоа. Но, во секој случај е пријатна „свеста“ за моќта под хаубата. А, како би било со 400 КС? Нема проблем. Германскиот Abt, легенда на тјунингот на Volkswagen, нуди екстра сто коњски сили за моментно најсилната верзија на Golf што е достапна во редовна продажба.
Основата на тјунингот е пакетот Abt Power S, којшто се состои од контролна единица од сопствен развој на Abt, секако вклучувајќи го и соодветниот софтвер. Разликата од обичните чип-тјунинзи од маалска гаража е во тоа што зад понудата на Abt стојат обемно тестирање и експертиза што во голем дел се темели и на долгогодишниот ангажман на оваа германска куќа во мотоспортот. Техничарите на Abt потенцираат дека нивниот тјуниран Golf R ја поседува истата возливост како стандардната верзија, што од друга страна сведочи за огромниот потенцијал што стои во платформата на компактот. За „уживателите“ стојат на располагање и навојно подвозје и спортски стабилизатори развиени од Abt.
Посетата на Abt се комплетира со лакирана предна маска со дизајн на Abt, вклучувајќи посебни бленди на светлата, проширени прагови и додаток на капакот на багажникот. Вниманието во задниот дел на возилото секако дека го привлекуваат четирите издувни цевки со пречник од 102 милиметри. Тие се само видлива завршница. Целиот издувен систем е преработен од Abt со цел да се извлечат дополнителни КС. Бандажи во стилот на Abt исто така не смеат да недостигаат. За Golf R, специјалистот од Кемптен првпат ги нуди новите бандажи FR-Design.
За крај, мал извод од ценовникот за тјунирањето на Golf R (цени во евра)
| Контролна единица Abt Power S, +100 КС, +100 Nm, заедно со спортски катализатор и спојница со издувна гранка, (за монтажа 580 евра) | 4.405 |
| Предна маска, нелакирана, без монтажа | 275 |
| Бленда на светла, нелакирана, без монтажа | 140 |
| Прагови | 615 |
| Капи на ретровизори, изглед на карбон | 200 |
| Додаток на заден капак | 210 |
| Бандажи DR Design (на возилото во галерија), 8,5х19, офсет 50 | 2.600 |
| Бандажи FR Design, 8,5х20, офсет 40 | 3.370 |
| Навојно подвозје, напред 10-40 mm, назад 20-45 mm, без монтажа | 1.660 |
| Спортско навојно подвозје, без монтажа (не мора да се деактивира DCC) | 2.290 |
| Стабилизатори | 490 |
| Издувен лонец | 2.590 |
| Спортски катализатор | 1.930 |
















