Новиот салон на Volvo остава убедлив впечаток со архитектурата во препознатлив шведски стил. Премиум автомобилите на Volvo одат во комбинација со премиум услуги. Воведен е единствен начин на комуникација со возачите на шведските автомобили, значително е скусено времето на сервисирање и одржување, обезбедени се и куси рокови на испорака за идните сопственици, сето тоа во средина што дополнително мами да се пристапи во светот на Volvo.
Новиот салон за автомобили на Volvo во Скопје ја враќа смислата на некогашното име на објектите од овој вид, тој е претставништво на автомобилска марки. Возачите на Volvo, љубителите на марката и тие што ја имаат посетено Шведска или, знаат нешто повеќе за оваа скандинавска држава, тука ќе се најдат во позната средина. Природни материјали и форми, обмислена едноставност и многу светлина – наивен е секаков обид да се даде објаснување зошто светот посебно ги цени и избира шведските производи, меѓутоа новиот дом на Volvo во Македонија дефинитивно е најблиску достапен начин да се дојде во контакт со Шведска и со шведската автомобилска марка. Кусо, претставништво.
Салонот се наоѓа во скопско Маџари, во низата по Киа Моторс и Електрометал. Свеченото отворање се одржа во четвртокот, во присуство на претставници од групацијата Волво Карс Адриа, којашто е надлежна за регионот. Директор за продажба е Деан Јадровски, познато име на менаџерската сцена, од „шампионската генерација“, која се наоѓаше на врвните раководни места во периодот кога во Македонија се продаваа близу 18.000 нови возила на годишно ниво.
Да се претставува Volvo како бренд е огромно задоволство, но истовремено е огромен предизвик и обврска
Деан Јадровски, директор за продажба Волво Карс Македонија
„Да се претставува Volvo како бренд е огромно задоволство, но истовремено е огромен предизвик и обврска. Токму за да одговориме на ваквиот предизвик, ја направивме оваа инвестиција која претставува клучен чекор напред за позиционирањето на Volvo како бренд на нашиот пазар и фаќање на чекор со најновите светски стандарди за продажба на возилата од премиум брендовите,“ изјави Јадровски.
https://photos.app.goo.gl/xY6dJgKp4UuMQvV38
Во поглед на планираната продажба на македонскиот пазар, таа се очекува да изнесува околу педесетина возила на годишно ниво. Посебност во регионот е тоа што Volvo постигнува повисок удел во продажбата во премиум сегментот, отколку на главните европски пазари. Тоа го потврди и Даниел Тројак, регионалниот менаџер за продажба: „Без моделските изведби во ниш-сегментите, како што се кабриолети, купеа, ванови или модели од компакт класата, а коишто се присутни во понудата на останатите премиум марки, пазарниот удел на Volvo во регионот изнесува околу 15 проценти, наспроти поширокиот европски пазар, кадешто уделот достигнува десет проценти.“
Обезбедени се релативно куси рокови на испорака за моделски конфигурации со најбараните ставки од опремата
Шведската марка моментно се соочува со „слатки проблеми“, затоа што побарувачката веќе ги надминува производствените капацитети. Тоа во подолг рок може да се претвори во сопирачка за натамошниот напредок на марката, па затоа се работи на проширување на производствениот синџир, како што беше со неодамнешното отворање на фабриката во САД, кадешто се произведува S60. Искуството во регионалната мрежа на Volvo овозможи релативно кус рок на испорака. Еден од најпопуларните модели, XC40, на пример, се испорачува за неколку месеци, во случај кога станува збор за повеќе вообичаена конфигурација на опрема и стил.
Во врска со самиот објект, говореше Јадровски: „Веруваме дека преку новиот центар на Volvo кој го изградивме, многу подобро ќе се запознаете со брендот и практично ќе го доживеете и почуствувате значењето на Volvo. Новиот салон ги исполнува највисоките стандарди на Volvo Cars, тимот кој го води Volvo во нашата земја е висококвалификуван и искусен и веруваме дека сето ова ќе произведе одлични резултати.“
Сопственикот го предава возилото директно на техничарот што ќе учествува во сервисирањето на истото
Посебно внимание се посветува на услугата. Иновација во сервисирањето е тоа што сопственикот на возилото директно комуницира со механичар кој е задолжен за неговото возило. Во Volvo велат дека тоа е „исто како да имате доктор за автомобилот“. Јасна е целта на оваа директна комуникација, со којашто се избегнува таканаречениот феномен на расипан телефон, на детската игра во којашто кажаното во почетокот на играта обично завршува со сосем сменета смисла кога ќе дојде до последниот играч. Услугата на премиум бренд важи подеднакво и во времетраењето на сервисирањето. „Ако очекувате одредена интервенција да се заврши за два часа, ние ќе ја комплетираме за еден час,“ уверува Тројак.
Оваа услуга што се води како Volvo Personal Service во почетокот наидувала на недоверба кај менаџерите во повеќето земји во регионот, но за кусо време се покажало дека клиентите реагираат одушевено на сменетиот и многу подоверлив начин на комуникација. Меѓу другото се зголемила и продажбата на автомобилски прибор, што секако говори за задоволството на клиентите.
Сервисот директно ќе ги добива информациите за возилото преку онлајн-врска при доаѓањето за сервисирање
За иднина се планира и користење на онлајн-можностите за комуникација со возилото. Кога возилото ќе се приближува кон сервисната работилница, ќе започне евентуално обновување на софтверот, но и пренесување на информациите од меморијата во возилото, врз основа на коишто понатаму се врши соодветна подготовка на персоналот за реализацијата на сервисирањето.
Концептот на салонот за Volvo на Премиум АГС вклучува и откуп и продажба на користени возила, со нивото на услуги и доверба што важат во секое подрачје на шведската марка.
https://www.instagram.com/p/BzQnyP9BXLL/
















