за

Идните модели на Volvo ќе возат со помош на „лидар“

Идните модели на Volvo ќе возат со помош на „лидар“
Идните модели на Volvo ќе возат со помош на „лидар“

Шведскиот производител и лидер во подрачјето на безбедноста, започна соработка со техно-компанијата Luminar, којашто ќе води кон поставување нови стандарди во безбедноста и технологијата во автомобилите. Станува збор за Lidar, технологија на Limunar, што ќе овозможи Volvo самостојно да управува по автопат.

Следната генерација модели на Volvo, којашто ќе ја користи модуларната платформа SPA 2, стандардно ќе поседува „хардвер“ за автопилотирано возење. Првиот модел од идната серија 60-90 ќе се појави во 2022 година. Препознатлив белег на овие модели ќе биде „лидарот“ вграден во покривот.

Софтверот за автопилотот ќе се обновува преку онлајн-врската на возилото. Клиентите на идните модели на Volvo ќе можат со соодветен надомест за услугата, да побараат активирање на функцијата на автопилотирано возење. Оваа функција, наречена едноставно Highway Pilot или пилот за автопат, ќе овозможи возилото целосно самостојно да управува по автопат.

Автопилотираното возење има потенцијал да прерасне во технологија што ќе има спасено најмногу животи, доколку се користи одговорно и безбедно.

Хенрик Грин, шеф за развој на технологија во Volvo Cars

Volvo и партнерот Luminar ќе работат и на вклучувањето на LiDAR во подобрувањето на идните системи за асистенција. Во моментот кога ќе се достигне соодветниот стадиум, LiDAR ќе се вградува како стандардна опрема во идните модели врз база на платформата SPA 2.

Сензорите на LiDAR емитуваат милиони светлосни зраци што пулсираат, со цел за прецизно да се позиционираат објектите. Притоа, средината се скенира во 3D, по што се создава привремена мапа во реално време, без потреба од поврзување на интернет.

LiDAR е клучна технологија за автопилотираното возење да се одвива безбедно. Кусо, таа овозможува многу попрецизна и пореална слика и претстава, отколку што тоа може да се постигне само со камери и радари.

Со текот на времето, освежениот софтвер што ќе се вчитува преку онлајн-врската на возилото, ќе вклучува нови подрачја во коишто автомобилот ќе може да се движи самостојно. Во случај технологијата да погреши, одговорноста ја презема самиот производител.

Volvo планира во иднина да го зголеми својот акциски удел во Luminar. Фирмата од Силиконската Долина ќе има прво вградување на својата технологија во сериски автомобил токму во Volvo.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Brabus Mercedes GLE

Црно парче полно со моќ од Brabus

kia xceed Во Европа постојат 298 автомобилски фабрики

Во Европа постојат 298 автомобилски фабрики