Додека другите марки отвораат репрезентативни салони и плаќаат скапи учества на големите автосалони низ светот, Volvo се ориентира на интернет и сопствени манифестации.
Кога автомобилската индустрија ќе се собере во Франкфурт во следниот септември, Швеѓаните нема да бидат присутни на големата манифестација. На европска почва, Volvo во иднина ќе изложува само на салонот во Женева. Место да им конкурира на премиум марките Audi, BMW и Mercedes и на нивните буџети, Volvo се реши да настапува поинаку. „Маркетингот во автомобилската индустрија се води многу поконзервативно отколку во другите бранши. Веќе со децении се следи одредена шема што ја следи целата бранша. Volvo ја одбива оваа логика и оди на стратегија којашто е ориентирана на сопствените потреби и цели“, оценува шефот на маркетинг Ален Висер. Според новата идеја, Volvo во иднина ќе организира сопствени „евенти“ за новинари, трговци и за јавноста. Швеѓаните се убедени дека автомобилските салони не одговараа целосно за овој вид на презентација.
Поради тоа, Volvo ќе се концентрира на само еден салон по континент: На салонот во Женева, на Детроит Моторшоу во САД, како и на салоните во Шангај и Пекинг, коишто се заменуваат секоја година. Женева се избори пред Париз и Франфурт поради тоа што се одржува во почетокот на годината и има прегледно организирани и мали штандови. Покрај тоа, атмосферата е попријатна и салонот се одржува секоја година, за разлика од германскиот и францускиот салон.
„Ова не е мера за штедење“ – потенцираат од Volvo
Откажувањето од многуте салони не претставува мера за намалување на трошоците, затоа што Швеѓаните најавија и зголемување на маркетиншкиот буџет. Се планира и зајакнување на ангажманот на Volvo Ocean Race, најтешката регата со едрење во светот.
Новата стратегија предвидува и други промени, како на пример стартување со продажба на возила преку интернет. Шведската фирма успешно го заврши првото тестирање на системот, преку продажбата на новиот Volvo XC90 во септември. Воведната серија ограничена на 1.927 примероци, според годината на основање на фирмата, беше достапна само преку интернет и се распродаде за само два дена.
Личен советник од купувањето на ново до откупот на користено возило
Дополнителната опција за продажба преку интернет страниците на Volvo нема да ги замени постоечките салони на партнерите, туку ќе ги зајакне. Сите новоизградени салони на марката низ светот ќе добијат препознатлив, скандинавски изглед. Не останува запоставено и најважното подрачје за клиентите да бидат задоволни, сервисирањето. Услугите на сервисирање ќе се збогатат со можноста секој сопственик на Volvo да добие личен советник, којшто ќе биде задолжен за сите формалности, од предавањето на новото возило до откупот на користеното возило од клиентот.
















