Во 2017 година Швеѓаните ќе стартуваат со проектот на автономно возење по патиштата околу Гетеборг. Сто автомобили ќе возат самостојно со цел за побрзо созревање на техниката за вградување.
Volvo го најави почетокот на големиот пилот проект за автономно возење во Шведска. Сто автомобили ќе возат без помош од возачот по јавните патишта во регионот на Гетеборг, во секојдневни сообраќајни услови. Овој единствен проект во светот, кој се води како „Вози ме – Самовозечки возила за одржлива мобилност“ е заедничка иницијатива на Volvo, шведското министерство за сообраќај, научниот парк Линдхолмен и од градот Гетеборг, а парите ги обезбедува шведската влада.

Цел е да се прикажат социјалните предности на автономното возење и Шведска да се позиционира како предводник во развојот на идната мобилност. Шефот на Volvo, Хакан Самјуелсон, објаснува: „Колите што возат самостојно се интегрален составен дел од заедничката цел на Volvo и на шведската влада за бројот на жртви во сообраќајот да се сведе на нула.“

Возилата ќе крстосуваат на избрани патишта во и околу градот Гетеборг во вкупна должина од околу 50 километри. Станува збор за патишта што најмногу се користат за патување до работа, вклучувајќи автопатишта и улици со густ сообраќај. Проектот опфаќа и тестирање на целосно автоматско паркирање, без потреба возачот да седи во возилото. Подготовките за „Вози ме“ треба да почнат во следната година, за потоа првите возила да стартуваат по патиштата на Гетеборг во 2017 година.
Возниот парк од 100 автомобили ќе го сочинуваат идните модели на Volvo, коишто се развиени врз модуларната платформа SPA. Оваа платформа е развиена со цел да го подржува воведувањето на нови системи за асистенција и за безбедност, вклучувајќи и технологија што овозможува усовршено самостојно возење. Прв модел врз новата архитектура ќе биде спортскиот теренец XC90, чијашто премиера ја очекуваме в година.