Кинеските сопственици на марката сигурно ќе бидат почестени со премиерата на најлуксузниот модел во 88-годишната историја на Volvo на салонот во Шангај. Станува збор за верзија на новиот теренец XC90.
Volvo ќе ги искористи сите свои искуства стекнати во 88-годишната историја за да го претстави својот најлуксузен и најпрефинет модел. За разлика од стандардната конфигурација со седум седишта, Volvo XC90 Excellence располага само со четири седишта, што овозможува огромен простор за патниците на задната клупа и за вградување на сета можна опрема со којашто располагаат Швеѓаните. Покрај тоа што имаат изобилство простор за нозе, патниците на задната клупа можат да го нагодуваат аголот на седиштата, да вклучат масажа и вентилација, и секако, да ракуваат со големите екрани пред нив, со преклопливите масички, ладилникот со држачи за шише и чаши, како и со посебниот држач за чаша со греење или ладење. За крај следува и комплет кристални чаши изработени од врвната шведска фирма Orrefors.
[quote_box_left]„Ова е нашиот нов знаменосец. Создадовме врвно луксузно доживување на скандинавскиот дизајн. Volvo досега нема лансирано ваков автомобил. Овој автомобил покажува што значи името Volvo“ – Томас Ингенлат, главен дизајнер[/quote_box_left]
Патниците во XC90 Excellence добиваат и потпирачи за нозе, амбиентално осветлување, посебно изведени детали од кожа, дополнителна звучна изолација на кабината и систем на Pirelli за поништување на звуците од подвозјето. Озвучувањето е дело на реномираниот Bowers & Wilkins, со 20 звучници специјално оптимизирани за XC90. Клима уредот располага со јонизација на воздухот, преку позитивно електризирање на честичките во воздухот, како прашина или чад.
Од лансирањето на моделот во средината на август, Volvo досега прими преку 24.000 нарачки за XC90, иако моделот уште се нема појавено официјално во салоните на марката. Според тоа, половината од планираната продукција на XC90 за оваа година е веќе распродадена. Ексклузивниот XC90 Excellence исто така ќе биде достапен на глобалниот пазар, со планирана комерцијализација до крајот на годината.
















