за

Volvo ги предупредува останатите возила при мраз на патот

Лимузините и комби моделите од серијата 90 на Volvo добија неколку освежувања во безбедносните системи, во погонот и во можностите за поврзување со преносни уреди. Шведската марка останува предводник во безбедноста со новиот систем којшто испраќа и добива информации од останатите возила при опасност на патот.

Лимузината S90 и комбито V90 влегуваат со неколку освежувања во новото моделско годиште. Volvo има традиција во воведувањето иновации во безбедноста и сега пишува ново поглавје со системот којшто при појава на лизгав пат испраќа информации за претстојната опасност до останатите возила со овој систем. На истиот начин се добиваат и предупредувања од останатите возила. Системот во воведната фаза ќе се користи во возилата за шведскиот и норвешкиот пазар.

Наскоро и останатите производители ќе почнат да го применуваат овој систем

Кога некое од тркалата на возилото ќе пролизга и ќе реагира контролата на стабилноста или системот против блокирање на сопирачките, соодветен сигнал се испраќа преку мрежата до возилата што се наоѓаат во близина, за нивните возачи да бидат подготвени за опасноста и навреме да реагираат.

Предупредување се добива и во случај кога некаде подалеку на претстојниот пат се наоѓа возило со вклучени безбедносни трепкачи. Овој систем во почетокот ќе биде достапен само во скандинавските земји, но подоцна ќе се понуди и на останатите пазари. Размената на информации се врши по пат на „податочен облак“, преку онлајн-врска. Платформата SPA што ја користат актуелната серија 90 и идната серија 60 дозволува сукцесивно вчитување на новите безбедносни системи.

И основниот дизел со 190 КС отсега е достапен со погон на сите тркала

Новитети за следната година има и во погонската спрега. Дизелот D3 со 190 КС и во комбинација со нов шестстепен мануелен менувач постигнува просек од 4,3 l/100 km. Истата вредност важи и во комбинација со новиот автоматски менувач со шест степени. Volvo S90 D3 ќе може да се нарача и во верзија со погон на сите тркала.

Опцијата за поврзување со паметен телефон досега функционираше само со Apple CarPlay, а отсега ќе биде достапна и за корисниците на Android, односно Android Auto. Во моментов единствено Volvo применува техника на дводелен приказ, којшто може во исто време на дисплејот да ги прикажува функциите на паметниот телефон и на возилото. Тоа е придобивка за безбедноста, затоа што возачот не мора постојано да префрлува од еден во друг приказ на дисплејот. Навигациските мапи се обновуваат директно преку мрежата, така што возачот може да биде спокоен дека користи актуелни мапи.

Палетата од бои за каросеријата во новото моделско годиште е дополнета со „јаворово кафена“ боја. Моделите на S90 и V90 од новото моделско годиште се влезени во производство веќе од средината на ноември.

[FAG id=26402]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nio EP9 е најбрзиот електричен автомобил и вози со моќност од еден мегават

AUTO BILD посвети цело издание на електричните автомобили