за

AUTO BILD посвети цело издание на електричните автомобили

Утрешното издание на магазинот Auto Bild е посветено целосно на електричните автомобили. Пет автомобили на струја се најдоа под стручното око на уредниците на водечкиот европски магазин за автомобили, а не е пропуштен ниту споредбен тест меѓу Opel Ampera-e и Astra.

Магазинот Auto Bild верува дека ерата на моторите со внатрешно согорување ќе заврши во 2030 година и за првпат им го посветува своето неделно издание на електричните автомобили. Во изданието број 47 коешто излегува од печат утре се објавуваат совети за купувачите, репортажи и споредби коишто дури и најголемите скептици ќе ги убедат во предностите на електричниот погон.

Уредниците на германскиот магазин разгледуваат пет електрични автомобили од аспект на обичен купувач, вклучувајќи ги Hyundai Ioniq Electric, Renault Zoe и Volkswagen e-Golf. Со зголемениот досег и со државната субвенција во висина од 4.000 евра, електричните автомобили стануваат сé поинтересни за купувачите.

AUTO BILD со издание за електрични автомобили

Auto Bild ги спореди и различните норми за мерење на потрошувачката на енергија коишто важат во Европа и во САД. Постои голема разлика меѓу двете норми. Според американската норма EPA, BMW i3 со полни батерии минува 183 километри, додека според европската NEDC, електромобилот на BMW би требало да извози дури 300 километри. Магазинот ја провери веродостојноста на овие податоци и оценува дека американската норма сепак е поблиску до реалните услови на возење.

Споредба меѓу електрична Opel Ampera-e и конвенционална Opel Astra

Во специјалното издание за електрични автомобили се наоѓа и споредба на Opel Ampera-e, којашто ќе стартува со продажба во следното лето, со Astra. Auto Bild: На помала површина, Ampera-e нуди простор исто колку Astra. Opel уште ја нема објавено цената на својот електричен автомобил, но според магазинот, таа би изнесувала околу 30.000 евра, вклучувајќи ги субвенциите, што значи дека Ampera-e ќе чини приближно колку Astra со мотор со споредлива моќност и опрема. Како досег во реални услови се наведуваат 380 километри. Во изданието се објавува и супертест од 100.000 километри на Renault Zoe.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Volvo ги предупредува останатите возила при мраз на патот

Експерт од Volvo го презема развојот на техниката во Audi