Volkswagen со нов мотор на метан, микрохибрид и функција „едрење“

Opis

На симпозиумот за мотори во Виена, Volkswagen ги најавува претстојните и идни новитети во погонската спрега. Golf BlueMotion го гасне моторот при одземање гас и заштедува 0,4 литар гориво. За помалата класа е наменет новиот 1.0 TGI со 90 КС и погон на метан. Иднината е за платформата MEB, којашто ќе ја користи цела палета модели со погон на струја.

Производителите пристигаат со нови погонски единици и најави за иднината на Симпозиумот за мотори во Виена. На оваа своевидна парада на инженерските одделенија, Volkswagen годинава се посветува на три подрачја: Електрификација на погонската спрега, унапредена функција на едрење и нов мотор со погон на метан.

За првпат кај Volkswagen се применува целосно „едрење“, односно гаснење на моторот при отпуштање на педалот за гас. Системот наречен FMA (Freilauf Motor Aus) ќе се користи во новиот Golf TSI BlueMotion, чијашто продажба стартува налето. Во комбинација со менувач DSG, моторот автоматски се деактивира кога возачот ќе го пушти возилото да се движи по инерција при брзини до 130 километри на час. Според Volkswagen, системот FMA донесува заштеда од 0,4 литри гориво на сто километри, односно двојно повеќе во споредба со досегашната функција на едрење, во којашто моторот продолжуваше да работи.

Дополнителен литиум-јонски акумулатор обезбедува струја при изгаснат мотор

Разликата кај новото „едрење“ е во постоењето дополнителен литиум-јонски акумулатор, за снабдување на електричките потрошувачи додека е изгаснат моторот. Протокот на струја меѓу литиум-јонскиот и оловниот акумулатор го регулира таканаречена Q-диода. По завршувањето на модусот на едрење, 1,5-литарскиот TSI Evo стартува на различен начин, зависно од брзината и условите: Преку анласерот, преку спојките на менувачот DSG или преку комбинација од двата начина.

Volkswagen Simpozium Motori Viena 00002

Батериите на актуелниот e-Golf со капацитет од 35,8 kWh и досег до 300 km

По продолжувањето на досегот на e-Golf од 190 на 300 километри, преку зголемениот капацитет на батериите (35,8 место 24,2 kWh), Volkswagen веќе му се поветува на следниот чекор во електрификацијата на погонската спрега во своите модели. Првиот модел што ќе ја користи модуларната платформа за електрификација (MEB) се најавува за 2020 година. Тоа е впрочем техниката што Волфсбург веќе ја прикажа во концептните автомобили Budd-e, I.D. и I.D. Buzz.

Volkswagen Simpozium Motori Viena 00001

Алтернативните горива не се запоставуваат. Волфганг Демелбауер-Ебнер, шеф за развој на бензински мотори во Volkswagen: „Поради хемискиот состав, метанот придонесува за намалување на емисијата на СО2 дури и кога е од фосилно потекло. Но, доколку се произведува на одржлив начин, на пример од биометан од земјоделски отпад, тој овозможува мобилност со уште пониска емисија на СО2.“ Во рамките на концернот веќе се произведува таканаречен е-гас, односно метан од синтетско потекло. Овој „вештачки“ метан се произведува од вода и CO2, со користење еко-струја во специјални постројки.

Volkswagen продава модели со погон на метан уште од 2002 година. На симпозиумот во Виена е претставен нов трицилиндарец од 1,0 литар, со турбонатполнење и моќност од 90 КС. Овој 1.0 TGI работи бивалентно, односно или на бензин или на метан и ќе се вградува во градските автомобили од сите марки на концернот.

Volkswagen Simpozium Motori Viena 00003

Платформата MEB ќе се користи за цела низа модели со електричен погон

За катализаторот брзо да ја постигне работната температура и да се намали емисијата на СО2, се користи постапката „ламбда-сплит“: При загревање на моторот и при ниско оптоварување, два цилиндра се снабдуваат со мрсна смеша, еден со сиромашна смеша. Покрај тоа, електричен грејач овозможува ламбда-сондата да проработи само десет секунди по ладниот старт.

Освен во техниката, Volkswagen инвестира и во имиџот на метанот и преку постојан дијалог со политичките актери и индустријата се залага за популаризација на метанот. Ова алтернативно гориво во меѓувреме е достапно и на неколку станици за гориво низ Македонија. Модели со погон на метан и натаму отсуствуваат во пазарниот настап.

Атмосферата на Симпозиумот за мотори во Виена…

Volkswagen Simpozium Motori Viena 00005

Volkswagen Simpozium Motori Viena 00004

Volkswagen Simpozium Motori Viena 00006

 

Претходна објаваЛуксузното суперкупе на Lexus стартува од 100.000 евра
Следна објаваГерманските возачи го напуштаат дизелот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here