Веднаш по светската премиера, Volkswagen започнува со нарачки за освеженото моделско годиште на Tiguan на германскиот пазар. Порше кај нас ги отвора тефтерите во октомври, испораките ќе следат пред крајот на годината.
Бестселерот на Volkswagen доби моделско освежување, со неколку фини детали во надворешноста, но и со бројни новитети во техниката. Моторите се дополнително оптимирани во насока на животната средина и на строгите барања на ЕУ за ограничување на емисијата на СО2. Големи промени пристигаат со вградувањето на инфо-забавниот систем MIB3, со нови можности за ракување и пристап до онлајн-услуги.
Во почетокот на располагање се четири варијанти на мотори и менувачи. Основната цена на Tiguan со 1,5-литарски TSI со 130 КС и 6-степен менувач, на германскиот пазар изнесува 28.205 евра. Порше Македонија ќе ги објави цените за нашиот пазар малку подоцна.
Актуелната понуда се базира врз четири нивоа на опрема. Основната изведба поседува алу-бандажи од 17 инчи со дизајн Montana, диодни светла, мултифункциски кожен волан, унапреден патен компјутер, систем за активна безбедност со Front Assist и инфо-забавен систем Composition со осум звучници.

На тоа следи нивото Life, додека врвот им припаѓа на нивоата Elegance и R-Line. Во нив стандардно се вградува поширок обем на системи за асистенција, како и различни ставки што ставаат нагласок на елеганцијата (Elegance) или на спортската појава (R-Line). Меѓу новите системи за асистенција што се нудат со доплата е Travel Assist, кој овозможува самостојно запирање и забрзување до поставеното темпо, забавување при побавно возило и следење свијок на автопат, до брзина од 210 километри на час.
Комбинациите од мотори и менувачи се следниве: 1,5-литарец со 130 КС и 6-степен менувач или 1,5-литарец со 150 КС, со 6-степен мануелен менувач или 7-степен менувач со двојна спојка, потоа дволитарски TDI со 150 КС со 6-степен DSG и погон на сите тркала. Дизелот, својствено за VW, поседува двоен систем за впрскување Адблу, заради драстично смалување на емисијата на азотни оксиди.
Во следните месеци ќе се воведуваат и нови комбинации од мотори и менувачи (eHybrid), како и моделски варијанти (Tiguan R).
















