Шефот на Фолксваген потврди дека се водат преговори со Кинезите за вложување во германските фабрики

Фабриката на Фолксваген во Оснабрик. Работниците во фабриката не се противат да произведуваат некој од моделите на ФВ што се развиени во соработка со кинеските партнери, соопштија од синдикатот.

На прашање дали доаѓа предвид германска фабрика да се продаде на кинески инвеститор, Блуме одговори: „Секогаш е позитивно кога компаниите вложуваат во Европа … имаме блиски соработки во Кина и секако дека се разговарало, меѓутоа нема конкретни одлуки.“

Блуме беше меѓу говорниците на конференцијата во Берлин на 28-ми јануари, организирана од германскиот дневен весник Велт.

Фолксваген има три партнерства со заедничко вложување во Кина – САИЦ (МГ Мотор), ФАВ и ЈАЦ. Германците поседуваат и удел во кинескиот стартап за електрични автомобили Експенг. Ниту еден од овие партнери во моментов не располага со производствен капацитет во Европа.

Фолксваген бара решение за своите фабрики во Дрезден и Оснабрик, како дел од мерките за скусување на трошоците и на производствените капацитети во Германија.

Две германски фабрики на Фолксваген можат да бидат интересни за кинеските партнери

Во спогодбата којашто беше постигната пред Божик, Фолксваген и претставниците на синдикатот се договорија за производството во Дрезден да престане во 2027 година. Во фабриката позната како Глезерне Мануфактур, односно стаклена работилница, изградена како претставителна фабрика наменета за поранешниот знаменосец Фетон, во моментов работат 340 работници и го произведуваат електричниот ИД.3.

Понатаму е спогодено да заврши и производството на кабриолет изведбата од Фолксваген Т-Рок, во фабриката во Оснабрик со своите 2.300 вработени.

Фолксваген би можело да е заинтересиран, фабриката во Оснабрик да ја продаде на кинески купувач. Тоа за Ројтерс, во почетокот на месецов, го соопшти лице коешто е запознаено со начинот на одлучување во компанијата.

Штефан Солдански, претставник на синдикатот за Оснабрик, кажа дека работниците во фабриката не се противат да произведуваат еден од моделите на партнерствата на Фолксваген во Кина. „Можам да замислам дека би произведувале нешто од кинеските партнерства, но под логото на Фолксваген и со стандардите на ФВ. Тоа е главниот услов,“ кажа тој.

Продавањето фабрики, на Фолксваген може да му биде поевтино, отколку затворање на фабриките, кажа банкар што е запознаен со случувањата во германскиот концерн, додавајќи дека за секоја фабрика би можеле да кешираат меѓу 100 и 300 милиони евра.

Со произведувањето авотмобили во Германија, што ќе се продаваат во Европа, кинеските производители на електрични автомобили ќе можат да ги избегнат високите царини што ЕУ ги одреди за увозот на електрични автомобили од Кина. Понатаму се цени дека со тие царини дополнително ќе се наруши конкурентноста на европските проиводители на автомобили.

Фолксваген ИД.6 е електричен СУВ што се произведува во Кина и за Кина

Вложувањето во фабрика на Фолксваген, за Кина би претставувало политички најчувствителна инвестиција досега. Фолксваген долго време беше симбол за индустриската надмоќ на Германија, којашто сега е под притисок од глобалното забавување на економијата и нарушеното преоѓање на зелена технологија.

Кинески компании вложија во цел спектар индустриски гранки во Германија, којашто е најсилна економија во Европа, од телекомуникации до роботика.

Претходна објаваМакедонскиот пазар лани со најдобра продажба на нови автомобили по 2009 година
Следна објаваВолво ја зголемува моќноста на компјутерите во своите возила во новото моделско годиште

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here