Македонскиот пазар лани со најдобра продажба на нови автомобили по 2009 година

Ситроен Ц3 донесе две револуции на македонскиот пазар: Едната е почеток на новиот бран достапни возила, другата е спуштање на ценовниот праг кај електричните автомобили, со е-Ц3

Уште без официјална статистика и уште без стратешки основи за развој, македонскиот пазар лани имаше рекордна продажба на нови патнички автомобили и лесни доставни возила.

Се потврдија предвидувањата од завршетокот на минатата година, кога се чекаше да пристигнат неофицијалните податоци за продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар и да се потврди нов рекорд. Во 2024 година, возачите и возачите во Македонија, од салоните на увозниците излегоа со 7.202 нови автомобили.

Продажбата лани беше зголемена за 32,9 проценти во споредба со 2023 година, кога беа регистрирани 5.418 нови патнички и доставни возила. Тоа секако е многу далеку од рекордната 2008 година, со близу 18.000 продадени нови автомобили во Македонија, како и од 2009 година, за којашто податоци објавува Царината, и се наведува дека тогаш имало 10.574 увезени нови автомобили.

Веднаш потоа се случува кобната – за автомобилизмот, за животната средина, за домашниот буџет, за безбедноста – годината 2010-та. Под притисок на 50.000 возачи на автомобили со норма Еуро 1 или без каква било норма за издувни гасови, купени на старо од бугарските препродавачи и ставени на бугарски регистерски таблици, што се закануваа дека ќе ја блокираат цела држава, ако си ја испочитуваат својата држава и ги платат давачките што дотогаш нé штитеа од денешната катастрофа со загадувањето и сообраќајниот тероризам, и секако, ги тргнат бугарските таблици, властите во 2010 година ги укинаа сите законитости што постоеја дотогаш во поглед на тоа што смее, а што не смее да се увезе како автомобил во земјава. Оттогаш не е сменето ништо.

Тоа секако дека влијаеше врз продажбата на нови автомобили, меѓу другото и поради девалвацијата на матичниот возен парк, затоа што со увезените „баба ги возела, со 189.000 километри“ автомобили, сопствениците на македонските автомобили беа оневозможени да ги продадат своите возила по нормалната цена и да ги заменат со нови, со што се прекина еден нормален круг на обновување на возниот парк, каков што постои во секоја држава што има замисла и одговорност да раководи со истиот.

Според неофицијалната статистика, од којашто некои увозници строго се оградуваат, затоа што меѓу другото припаѓаат на реномирани и влијателни компании во автомобилската бранша од европски размери (Порше Македонија и др.) и податоци што не доаѓаат од официјални извори не се прифатливи, во последниот месец од минатата година биле продадени 579 нови возила, од кои 511 се патнички автомобили, додека останатите 68 се доставни возила.

Вкупно за цела година, новите патнички автомобили достигнале 6.203 продажби, додека кај доставните возила има 999 продажби.

Според неофицијални податоци:

Најпродавани марки патнички автомобили во декември 2024 година во Македонија

  • Шкода: 94 возила
  • Тојота: 53 возила
  • Киа: 43 возила
  • Хјундаи: 38 возила
  • Ситроен: 37 возила
  • БМВ: 33 возила
  • Фолксваген: 31 возила

Најпродавани марки доставни возила во декември 2024 година во Македонија

  • Фиат: 17 возила
  • Ситроен: 16 возила
  • Ивеко: 9 возила
  • Пежо: 8 возила

Податоците за продажбата по модели и по месеци што ги објавуваат некои блогови за македонскиот пазар, исто така не се од официјален карактер и се добиваат од осигурителните компании, место од МВР. Тоа создава дополнителна срамота околу ситуацијата со непостоењето официјална статистика за продажбата на нови автомобили и воопшто за состојбите со возниот парк, затоа што им се дозволува на странски компании, со непроверени податоци да заработуваат од продажбата на истите.

Увозниците и сите заинтересирани страни, со години бараат МВР да почне да доставува официјални податоци, на комерцијална основа, како засебно одделение што ќе опстојува токму од обработката на истите. Исто како со камерите за надгледување на сообраќајот, што се поставени и поврзани, меѓутоа не служат за намената за којашто се замислени, а тоа е да ги регистрираат и евидентираат прекршоците, и да обезбедуваат докази за изречување соодветна парична казна. Зошто.

Претходна објаваАлфа Ромео нема да стане целосно електрична марка, сите погони остануваат во понуда
Следна објаваШефот на Фолксваген потврди дека се водат преговори со Кинезите за вложување во германските фабрики

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here