Во новата моделска година, сериите Икс Ц 40, Е Икс 40, Е Ц 40, С 60, В 60, В60 Крос Кантри, В90 и В90 Крос Кантри како главно освежување добиваат две нови технологии.
Првата новина е во инфо-забавниот систем, за којшто Волво вели дека е од нова генерација, со нов изглед, со што внесува ново и подобрено искуство во секојдневието. Основата за сите тие промени доаѓа од процесорската технологија Снепдрагон на Квалком, големо име во светот на ИТ, а сега и во автомобилите. Тоа ветува зголемена брзина и куса реакција.
Втората технолошка новина е услугата Плаг енд Чарџ за моделите Е Икс 30, Е Икс 40 и Е Ц 40 во Европа. Тоа значи дека е доволно возилото само да се приклучи на полнач што е дел од мрежата, без потреба од пријавување или наплата преку картичка или апликација.
Откако претходно почна да се применува во моделите Е Икс 30, Е Икс 90 и новиот Икс Ц 90, корисничкиот интерфејс Волво Кар У Икс сега се вдомува во целата гама на шведската марка. Намерата е секојдневието во возилата на Волво да се направи колку е мошно поедноставно и порелаксирано, меѓу другото и преку собирање забелешки од постоечките корисници, за корисничниот интерфејс да се направи подобар. Својствено за Волво, главнината од Волво Кар У Икс се базира на апликации на Гугл.
Корисникот може на појдовниот екран да ги постави апликациите и функциите што ги користи најмногу, на пример навигација, радио и телефон, за да може веднаш да пристапува до нив. Приказот на екранот се менува дополнително во зависност од ситуацијата и од последните вклучени апликации. Заедно со новиот средишен дисплеј е сменет и приказот во дигиталните инструменти, со поголем и појасен приказ.
Има новини и за возилата што веќе се на улица. Милиони автомобили Волво што ја подржуваат техниката и се произведени од 2020 наваму, подоцна годинава ќе добијат нов систем Гугл (и алтернатива за тоа во Кина и Јужна Кореја) со преземање од податочен облак.
Новата Снепдрагон Кокпит Платформа обработува податоци двапати побрзо и ја освежува сликата на екранот десетпати побрзо од порано. Тоа веќе им е познато на сопствениците на Е Икс 30 и Е Икс 90.
Побрзата работа меѓу другото значи и покусо одвлекување на вниманието на возачот или возачката, што води до зголемена безбедност.
Плаг енд Чарџ е големо олеснување за возачите на електрични автомобили, затоа што при приклучување на возилото на полнач, немаат потреба да се пријавуваат, логираат и да плаќаат посебно за секое полнење. Место тоа, самата технологија во возилото ја презема целата процедура.
















