Извршниот директор на Тесла ненајавено се појави преку видео врска во политичката изборна кампања на германската крајно десничарска Алтернатива за Германија, на 25-ти јануари.
Изјавите на Маск, со вообичаениот речник на десничарските групи, во врска со злосторствата на Германија за време на Втората светска војна, имаа за цел да ја искажат неговата поддршка за партијата Алтернатива за Германија, пред изборите во земјата на 23-ти февруари.
„Децата не треба да одговараат за гревовите на нивните родители, а уште помалку на нивните дедовци,“ кажа Маск на собирот.
Овие коментари предизвикаа остра критика во Германија, каде што е сé погласна поддршката на Маск за анти-имигрантските ставови на АфД. Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и најголемиот работнички синдикат во земјата ги критикуваа настапите на милијардерот.
Коментарите допреа мошне чувствителна тема во Полска, додека светските лидери за време на викендот одбележуваа 80 години од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц. Околу 6 милиони Полјаци, од кои половината Евреи, умреа откако Германија ја изврши инвазијата на Полска во 1939 година.
„Можеби Маск со неговите милијарди не се чувствува загрозен,“ изјави министерот за спорт Славомир Нитрас за радиото Ток ФМ на 27-ми јануари. „Но, секој нормален човек што живее во средиштето на Европа, кој се сеќава што се случило пред 80 години, не може на тоа да гледа индиферентно.“
„Сé што можам да кажам е дека нормален Полјак не треба да купи Тесла,“ кажа Нитрас, искусен политичар во партијата на власт на премиерот Доналд Туск.
Повикот за бојкот се совпаѓа со почетокот на новиот владин план за поттикнување на продажбата на електрични возила во Полска, којшто може да оди во корист на Тесла. Со планот се предвидува помош за кувачите на електрични автомобили во висина до 40.000 злоти, што одговара на околу 10.000 долари.
Тесла беше најпродавана марка електрични возила во Полска во минатата година, со повеќе од 4.400 продадени возила. Компанијата располага со пет салони и 15 станици со супербрзи полначи во Полска.















